Звуците од кастењетите на прекрасната уметница Луцеро Тена и на харфата од Гзавије де Местре вчеравечер создадоа вистинска магија во акустичниот амбиент на црквата „Света Софија“ на Шпанската вечер што се организира традиционално, секоја година на фестивалот „Охридско лето“.
Шпанската вечер на отвори амбасадорот на Кралството Шпанија во Р.С.Македонија, Рафаел Сориано Ортиз кој рече дека „Охридско лето“ е настан кој не смее да се пропушти во лето зашто секоја година ги собира извонредните уметници од целиот свет.
Фестивалот на тој начин ја исполнува својата цел да ја трансформира културата и уметноста со големо У во мост на разбирање помеѓу луѓето и нациите. Голема благодарност и честитки до сите кои го овозможуваат тоа. Шпанија и оваа година е присутна во Охрид. Во оваа прилика со големо задоволство ви ја претставувам извонредната Лусеро Тена, голема фламенко танчерка, во поголемиот дел од нејзината долга кариера. Таа сега е најголемиот виртуоз на кастењети во светот. Лусеро е придружувана од големиот уметник, Гзавије де Местре,исто така, виртуоз на својот инструмент и извонреден музиколог. Тие ќе изведат неколку дела заедно кои магично ќе не однесат од срцето на Балканот до мојата сакана Шпанија, рече амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Рафаел Сориано Ортиз.
Луцеро Тена, која италијанскиот печат ја нарече „Паганини на кастењетите“ е пионер во концептот „солист на кастењети“ и е препознатлива по нејзиниот специфичен стил на интерпретација. Во 2027 година заедно со Гзавије де Местре го издава ЦД-то „Шпанска серенада“ и го промовираат на турнеја низ светот. Во 2018 година настапува на „Холивуд Боул“ со Пласидо Доминго, на фестивалите МИТО и во Равена во Италија заедно со Гзавије де Местре и дебитира во „Филхармонијата“ во Париз. Ангажманите кои ја очекуваат се рецитали со Гзавије де Местре во Германија, Франција, Кина и Јапонија, како и на фестивалот „Шлезвиг-Холштајн“, настапи на шпанските летни фестивали, како и солистички настапи во шпанските театри и оперски куќи.
Гзавије де Местре е еден од водечките харфисти на денешницата и исклучително надарен и креативен музичар. Како виртуоз на харфата придонесува кон збогатување на репертоарот за овој инструмент, нарачувајќи нови дела од современите композитори, но и создавајќи транскрипции за харфа од веќе постоечкиот инструментален репертоар. Редовно настапува со водечките оркестри во светот како симфониските оркестри во Чикаго, Монтреал, Бирмингем, оркестрите на Шведското и Финското Радио, оркестрите во Лос Анџелес, Лондон, Санкт Петербург, Осло, Париз, Цирих, како и оркестрите во Кина, Сао Паоло и Салцбург, работејќи со диригенти како Сер Андре Превин, Сер Сајмон Ратл, Рикардо Мути, Даниеле Гати, Филип Жордан, Бертранд де Били, Андрес Орзоко Естрада, Даниел Хардинг, Сузана Малки и др.
Двајцата големи уметници, Луцеро Тена и Гзавије де Местре на концертот на „Охридско лето“ изведоа дела од нивниот албум кој е снимен за „Сони мјузик“ и е распродаван ширум светот.
OhridNews