Различни композитори и различни музички стилови на едно пијано донесоа вчеравечер рускиот пијанист Илја Максимов и неговата партнерка Јулија Коќубан од Полска на фестивалот „Охридско лето“.

Програмата на руско-полското Дуо пијано ја опфати „Сонатата за четирирачно пијано“ од Моцарт, „Малата свита“ од Дебиси, а ја изведоа и композицијата „Шест пиеси“ од Рахмањинов.

Максимов-Коќубан се првпат во Охрид и на фестивалот „Охридско лето“ и како што велат, иако прочитале за убавините со кои ќе се сретнат, сепак откако дошле, виделе дека градот е уште поубав кога ќе се посети.

-Ова е нашиот прв настап на „Охридско лето“. Бевме многу возбудени што доаѓаме бидејќи многу читавме за Охрид. И морам да кажам дека нашите очекувања беа многу пониски отколку реалноста. Ова место е восхитувачко.Кога првпат стапнавме во црквата „Света Софија“ ја почувствувавме таа прекрасна енергија и атмосфера, вели Максимов.

Иако настапуваат како Дуо пијано, рускиот пијанист Илја Максимов и неговата животна и музичка партнерка, Јулија Коќубан зад себе имаат и самостојни музички кариери.

-Да се свири на едно пијано за четири раце е поразлично и има голема варијабилност на камерната музиката. Ние обично свириме посебно како пијано дуо и ова ни е прв концерт во странство на кој свириме со 4 раце. Но бидејќи сме венчани и го делиме животот, и свирењето е полесно со пијано за четири раце, открива младата пијанистка Јулија Коќубан.

И Максимов вели дека не ги запоставуваат соло-кариерите, но сепак, најубаво е кога и во светот на музиката патуваат заедно.

-Секогаш кога имаме шанса настапуваме заедно. Двајцата имаме посебни кариери како уметници, Јулија е извонреден пијанист, јас исто така давам се’ од себе. Секако, кога имаме соло-концерти, даваме се’ од себе изнесувајќи го тоа пред публиката, но одлично е кога сме заедно бидејќи можеме да патуваме заедно и да искусиме многу нешта, додава Максимов.

Јулија Коќубан е една од водечките пијанистки на нејзината генерација. Нејзиниот деби-албум „Шуман, Шопен, Бацевич“ е оценет од музичката критика како еден од најинтересните полски деби албуми во последните години, а последното ЦД со клавирските концерти на Тансман и Бацевич е номинирано за највисоката наградата во полската музичка индустрија- „Фредерик“.

Илја Максимов е победник на интернационалниот натпревар „Ж. Б. Виоти“ во Италија. Неговиот широк репертоар ги покрива делата од раната класика па се’ до модерните композитори, а делата на руските композитори секогаш имаат посебно место во неговата концертна кариера.

OhridNews