Резервите на питка вода за пиење во природата се проценуваат на околу 0,007 отсто од вкупните количества на вода во светот. Поради овој факт, Охридското Езеро како слатководен акватичен еко-систем претставува непроценливо богатство за целото човештво.
Но изминатите децении, сведоци сме на некоректниот однос кон најголемиот природен басен со питка вода во земјава. Научната јавност постојано реагира на децениските проблеми кои го загрозуваат автохтониот животински и растителен свет во езерото. Почнувајќи од неприродната осцилација на нивото на водата, уништувањето на трската, загадувањето со фекални материи и кратењето на езерската површина.
„Охридското Езеро спаѓа меѓу ретките кои имаат многукратно значење и можат да се разгледуваат како од научен, рекреативен, културен, здравствен и спортски аспект, така и од аспект на еден резервоар со питка вода. Најпрво треба да се спречи неприродната и нагла осцилација на езерската површина, а осцилациите да се сведат на природни. Тоа единствено може да се реши преку регулирање на испустот на вода од езерото кај реката Црн Дрим.“ – вели д-р Здравко Крстаноски, долгогодишен научник од Хидробиолошкиот завод.
неприродни осцилации на езерската површина
Во контекст на заштита на езерскиот еко-систем, потребно е да сочува трската, којак ако што истакнува д-р Крстаноски, претставува микробиотоп каде што живеат различни животински и растителни видови организми.
„Трската која ја има на источната и западната страна, се јавува на оние места каде што самата ќе почувствува дека има доволно количина на храна. Развивајќи се, таа едновремено врши прочистување на самото езеро. Од тој аспект, треба што помалку да се уништува трската како еден микробиотоп и дом на многу различни животински и растителни видови.“ – истакнува д-р Крстаноски.
Екологистите и научните работници од Охрид, веќе долг временски период дебатираат за тоа дали да се исправи грешката од 60-тите години, кога реката Сатеска е пренасочена во Охридското Езеро. Многумина сметаат дека наносите од песок и друг цврст материјал, како и големите количества пестициди кои со себе ги носи оваа река, штетно влијаат на езерото.
„Треба да се реши едно големо прашање, а тоа е реката Сатеска. Таа со носи 200 милиони кубни вода на годишно ниво, кои не му се потребни на езерото, бидејќи станува збор за вода од трета или четврта категорија. Проблем е и геолошкиот нанос, а второ минувајќи низ земјоделските површини Сатеска со себе носи огромни количества на пестициди кои се слеваат во езерото. Местото каде што се влива Сатеска, во 60-тите години се викаше „Рибница“. Денеска ова место е деградирано и уништено, а се помалку има плодишта на риба.“ – додава д-р Крстаноски.
Сатеска – „Рак-рана“ на Охридското Езеро
Крстаноски потенцира дека за целосна заштита на езерото, потребно е да се заокружи и заврши изградбата на колекторскиот систем, како на македонската така и на албанската страна.
„На тој начин ќе се придонесе во колекторскиот систем во целост да биде во функција на заштита на езерото. Кратењето на езерската површина со тампонирање на крајбрежјето е исто така еден од проблемите кои штетно влијаат на езерскиот еко-систем. Проблем се јавува и со пристапните мостови, кои за мене лично претставуваат „продолжена рака“ на загадување. Мора да се напомене дека штитејќи го езерото, ние го штитиме и самиот град бидејќите тоа се две поврзани нешта.“ – потенцира д-р Крстаноски.
Екологистите со години алармират на катастрофалната состојба во која се наоѓа колекторсккиот систем, кој според нив е пред целосен колапс.
-Тоа што го предвидувавме дека ќе се случи, веќе се случува. Колекторот парцијално функцинира, а е најважен објект за заштита на Охридското Езеро. Струга пет години даваша самопридонес, а Охрид десет за тој да се изгради, но тој денес речиси и да не функционира. Фекалиите од Охрид не влегуваат во колектор туку во Езеро, а пример за тоа се пумпните станици кај Подмоље, Грашница и други.-вели Мате Гогоски од Е.Д. „Енхалон“, додавајќи дека надлежните институции се однесуваат како да се и глуви и слепи.
Министерот за заштита на животната средина и прсторно планиање, Абдулаќим Адеми, вели дека колекторскиот систем е врвен приоритет за државата и дека се прават напори за решавање на ова прашање.
-Ние се обидуваме со „Проаква“ и со двете општини да изнајдеме решение за доизградба на колекторот. Имаме некој начелен договор да обезбедиме средства по принципот 50 отсто влада, 50 отсто општините. Обезбедивме и поволен кредит за таа намена. Општините Струга и Охрид дадоа согласност дека ќе ги инвестираат средствата од тој кредит во овој проект, а го очекуваме и извештајот за колекторот од експертите од Јапонија која пројави интерес да помогне во решавањето на ова прашање, така што помеѓу овие две опции ќе го бараме решението за колекторот.-изјави министерот Адеми.
Инаку, 5-ти јуни е Светски ден на животната средина, кој со низа активности ќе биде одбележан и кај нас.
О.Т./Г.М.