​Од утре до 30-ти август Охридското Езеро повторно ќе биде сцена на голем број спортски и рекреативни активности, а четвртото издание на „Ohrid Water Festival“ ќе понуди содржини за различни генерации, различни интереси и различни нивоа на спортска подготвеност. Ова беше најавено на денешната прес конференција што се одржа во „Куба Либре“.

„Ohrid Water Festival“ е манифестација која успеа од една храбра идеја да прерасне во автентичен спортски бренд, а втората половина на август во Охрид веќе е препознатлива по водените спортови, спортските предизвици и активностите поврзани со нашето езеро, истакна градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

Тоа е вистинската насока во која даваме и сакаме да се развива нашиот град, кој покрај своето природно и културно наследство има што да понуди и на љубителите на спортот, активниот туризам и секако здравиот начин на живот. Посебно место во целата фестивалска програма и оваа година ќе има и Охридскиот пливачки маратон, круна на целиот фестивал, како еден од најзначајните и најпрепознатливите спортски настани поврзани со Охрид. Традицијата на маратонот и неговата уникатна врска со Охридското Езеро се вредност која треба да ја негуваме и дополнително да ја афирмираме, рече Пецаков.

Изминатите години се покажа овој настан има големо значење за развојот на водените спортови кај нас, но и за промоција на Охрид и збогатување на туристичката понуда, а ​радува фактот што од година во година имаме сѐ повеќе учесници од цела Европа, со што фестивалот станува мост за поврзување и соработка меѓу домашните и странските клубови, истакна претседателот на фестивалот Никола Вретоски.

​Спортскиот дел од фестивалот започнува на 12-ти август и трае до 30-ти август. Во овие 19 дена спортска програма, 15 спортски клубови и здруженија организираат спортски манифестации во едрење, кајак, ватерполо, нуркање, Охридскиот пливачки маратон и Балканско првенство во пливање, СУП и акватлон, трка со традиционални кајчиња, спортски риболов, како и настани како Ред Бул педалинка и СУП јога. Спортските манифестации, кои од година во година стануваат помасовни, привлекуваат учесници не само од Македонија, туку и од голем број европски држави. ​Покрај спортот, подготвивме и музичка програма на Кеј Македонија, пред хотелот „Палас“. Таа ќе биде четири дена, почнувајќи од 26-ти август со концерт на Ѓоко Танески; 27-ти август е детски ден со концерт на „Златно славејче“ во организација на Шпаркасе Банка; 28-ми август е групата „Везилка“ и на 29-ти август завршуваме со групата „Нокаут“. ​Како дополнителна вредност за сите посетители ќе бидат поставени и изложби посветени на Охридското Езеро, водените спортови, како и неговата богата флора и фауна, посочи Вретоски.

Градоначалнинкот Пецаков потенцираше дека посветеноста на охридските клубови, спортистите, спортските работници и организатори, партнери и институции кои се дел од оваа приказна покажува дека кога постои заедничка визија, Охрид има капацитет да креира квалитетни настани.

Веќе создадовме една нова спортска традиција, сега е време таа традиција да ја развиваме и да ѝ дадеме уште поголема вредност. Ги поканувам сите наши сограѓани, гостите од земјава и странство, љубителите на спортот и забавата да бидат дел од четвртото издание на „Ohrid Water Festival“. Да уживаме во водените спортови и да покажеме дека Охрид не е само град на езерото, туку Охрид е и град кој живее со езерото, додаде Пецаков.

Г.М./Н.С.Ј.

фото/видео. А. Момироска