Со 100 000 единки охридска пастрмка денес беше реализирано завршното порибување на Охридското Езеро за годинава. ​За следниот циклус на порибување во 2027 година планирано се 1 550 000 млади пастрмки за што веќе е потпишан договор помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Хидробиолошкиот институт во Охрид.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски кој заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски беа во посета на Хидробиолошкиот инститиут во Охрид и присуствуваа на порибувањето, посочи дека во август и септември сите риболовни зони на езерото биле порибени со 6,5 тони одгледан подмладок, што, претставува 1,6 тони над првичните планирани 4,9 тони, а ​во оваа количина се вклучени и днешните 100 000 единки со просечна тежина од 4,2 грама.

Резултатите во однос на досегашната обнова на популацијата на пастрмката се повеќе од задоволителни. Годинава во езерото беше внесена и посебна група од 100.000 поголеми единки од минатогодишниот мрест со просечна тежина од 16 грама, што е особено значајно за надоместување на пропуштеното од паузата во вештачкиот мрест кој се случи од 2019 до 2023 година. ​Овие резултати од работата на Институтот претставуваат цврста основа за следните активности за поставување на континуитет во обновување на популацијата на пастрмката. ​Во оваа насока веќе е направен и првиот институционален исчекор за задржување на засилената динамика на внесување подмладок во езерото. Потпишан е договор со Хидробиолошкиот институт за следниот циклус на вештачки мрест и порибување во наредната година со 1.550.000 млади пастрмки, потенцираше Серафимовски.

Истакна дека напредок има и скелетната форма на охридската пастрмка, додавајќи дека по 23 години од последниот вештачки мрест на оваа форма, експериментално е добиен подмладок кој успешно се одгледува и кој отвора можност за поинтензивно порибување.

Директорката на Хидробиолошкиот институт во Охрид, Орхидеја Тасеска, потенцираше дека последниве две-три години активно се борат како инстутуција за одржување на стабилна популација на охридска пастрмка посочувајќи при тоа дека оваа година биле собрани милион и 400.000 зрна икра коишто успешно осум месеци биле одгледувани и шест месеци прихранувани во Хидробиолошкиот институт.

Денес езерото е порибено со подмладок во бројност од 100.000 мали рипчиња. Во текот на летото исто така порибивме и со единки коишто беа прихранувани и чувани и достигнаа возраст од една година и осум месеци и тежина од 16 грама. Важно е тоа што и оваа година потпишавме договор со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и се надевам на поволни резултати и секако поволни временски услови во јануари да излеземе и да го реализираме мрестот за 2027 година, додаде Тасеска.

Во однос на состојбата со рибниот фонд согласни беа и мининстерот Серафимовски и директорката Тасеска дека се потребни сериозни проценки и истражувања пред да се соопштат било какви информации.

​Надлежните инспектори од Одделението за рибарство, во соработка со Рибочуварската служба од Охридскиот регион и со Езерската гранична полиција, вршат редовни контроли на Охридското Езеро, односно контроли на работата на концесионерите на рибите, односно концесионерите кои што имаат склучено договори со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и притоа ги контролираат условите, односно одредбите дали се исполнети од самите потпишани договори, истакна Ангеловски.

Истите, додаде, опфаќаат дали се користи опремата соодветно што е за риболов, дали се почитуваат количините за уловена риба од една страна, но од друга страна инспекторите се активно вклучени и во процесот на сузбивање на нелегален риболов, односно борба со рибокрадците кои што се за жал, вели, се сè почесто присутни во овој регион. ​

Во однос на бројките можам да потврдам дека заклучно до денес од почетокот на 2026 година имаме спроведено вкупно 231 инспекциски надзор во Охридското Езеро и за сторени прекршоци имаме издадено 21 платен налог. ​И во наредниот период како надлежен инспекторат ќе продолжиме со нелегалната борба против рибокрадците во Охридското Езеро, сè со цел да обезбедиме заштита на биодиверзитетот и зачувување на рибниот фонд и целокупниот екосистем во овој регион. ​Во принцип тоа е системска борба на која што треба да се фокусираме сите како надлежни институции. Инспекторатот е само една алка во тој целокупен синџир, потенцираше Ангеловски.

Додаде дека мора да се работи на подобрување на законската регулатива, односно на измена на прекршочните одредби со што ќе бидат создадени подобри услови за заштита на езерото и за понатамошно постапување од нивна страна.

​Н.С.Ј.

фото. А. Момироска