
Подмладокот од јагула со просечна тежина од 24 грама од единка, пред да заврши во водите на Охридското Езеро престојуваше во карантин во струшкото мрестилиште „Шум“, каде што беа извршени неопходните здравствени анализи и бактериолошки испитувања. По добиената дозвола од Државниот ветеринарен инспекторат, јагулите се пуштени во водите на Охридското Езеро.

Охридското Езеро е единствено отворено езеро во Европа што се порибува по вештачки пат. Од 1970 година, со изградбата на хидроцентралите „Глобочица“ и „Шпилје“ на реката Црн Дрим, физички беше прекинат природниот пат на јагулата која се мрести во Саргаското Море. Јагулата е еден од поважните видови риба кои го населуваат Охридско Езеро и е значаен елемент на биолошката разновидност со своја специфична улога во одржување на рамнотежа на екосистемот. Одржувањето стабилна популација, преку интервенција на човекот, е од исклучителна важност за зачувување на природните вредности на езерото. Само на тој начин ќе се одржи природната рамнотежа на Охридско Езеро како акватичен екосистем од глобална важност.
АД ЕЛЕМ најавува дека како општествено одговорна компанија ќе ја продолжи практиката за оплеменување на фондот на јагулите и во иднина, со што континуирано ќе обезбедува обновување и зачувување на овој вид риба. Вкупната вредност на подмладокот јагули изнесува околу 45 илјади евра, средства во целост обезбедени од страна на АД ЕЛЕМ.
фото: Васко Бујароски













