Околу 95% од водата на планетата Земја отпаѓа на океаните и морињата додека само 5 % ја има на континентите, но таа не е рамномерно распределена. Поради недостиг на питка вода и вода за одржување на личната хигиена се проценува дека годишно умираат околу 1,6 милиони лица. Околу една милијарда луѓе воопшто немаат пристап до здрава вода за пиење, 2,5 милијарди немаат соодветен водовод и канализација, а секоја година поради недостиг од вода умираат 10 пати повеќе луѓе отколку во војните ширум светот. Прогнозите на Обединетите Нации дека до средината на овој век дури седум милијарди луѓе ќе бидат соочени со недостиг на вода, укажуваат дека човештвото е исправено пред сериозен предизвик. Басените со питка вода во иднина ќе бидат подрагоцени од нафтените полиња, а војните во 21 век ќе се водат за вода предвидуваат експертите.
Во Македонија питката вода ја има во доволни количини, но не се користи рационално. Податоците на Институтот за јавно здравје укажуваат дека 62,7% од популацијата во Републиката се снабдува со вода за пиење од централни водоснабдителни системи, управувани од јавни комунални претпријатија, додека само 9,32% од селските населби се приклучени на градски водоводи, а 2,74% се снабдуваат со вода за пиење од локални водоснабдителни објекти (јавни чешми, бунари, извори, пумпи и други индивидуални водоснабдителни објекти)..
Анализата на податоците од водоснабдувањето на градските населби покажува дека санитарно-хигиенската состојба на објектите за водоснабдување и здравствената исправност на анализираните примероци вода генерално задоволува. Бактериолошка неисправност е констатирана кај 1,65% од испитаните примероци. 2012 година во лабораториите на Институтот за јавно здравје се тестирани вкупно 120 мостри минерални води од кои 43 мостри од увоз и 93 мостри од домашно производство. Од увозните 7 мостри биле микробиолошки неисправни, додека од домашните минерални води при лабораториското тестирање 5 мостри биле небезбедни заради содржина на одреден елемент над максимално дозволените граници.
Што се однесува до Охридското Езеро, најголемиот дел од водата е од висока прва и втора категорија, но сеуште жешки точки остануваат реките Черава, Сатеска, Велгошка и Коселска река кои се најголеми загадувачи. Најголем дел од отпадните води кои се влеваат во Охридското Езеро од македонска страна се опфатени со колекторскиот систем, кој и натаму се соочува со сериозни проблеми, особено во период на високи води, како што е сега, поради што доаѓа до излевање на непречистени води во езерото. Таков случај граѓани забележале деновиве кај пумпната станица во Подмоље.
Експертите објаснуваат дека Охридското Езеро во иднина ќе биде еден од главните снабдители на Балканот со питка вода и затоа е потребно да тоа соодветно да се заштити, но и да се зачува зелениот појас околу него кој директно влијае на хидролошката состојба на езерото.
Предизвиците се големи и мора да се фатиме во борба со нив за да ја обезбедиме иднината на водените ресурси, вели Дејан Пановски, македонски претставник во Билатерален Секретаријат за сливот на Охридското Езеро.
-Успеавме заеднички како Билатерален Секретаријат да донесеме средства за заштита на водните живеалишта , за прогласување на биосферен резерват околу езерата и поддршка од Глобалниот Еколошки Фонд за проект за Дримскиот Басен. Најголемо признание е што во годинашната објава по повод на Денот на водите ,Обединетите нации укажуваат дека Договорот за Дримскиот Басен е „голем напредок во соработката за водите во регион со изминати конфликти “-изјави Пановски.
Спорд него,се додека не сеобезбеди управувањето со Дримскиот басен и законски и прекугранично нема да има комплетна заштитана Охридското Езеро.
Акцентот на одбележување на Светскиот ден на водите оваа година е ставен на соработка за заштита на водените ресурси преку партнерството на локално , национално и прекугранично ниво.