Со цел гласот на народот да допре до надлежните институции, во текот на вчерашниот ден охридската занаетчиска фамилија Мишеви, пред медиумите и јавноста проговори за својот долгогодишен проблем, со кој под знак прашалник се доведува нивната егизтенција.

Се работи за попречување на приодите кон дуќаните кои се наоѓаат на улицата „Св. Климент Охридски“ бр.28 во охридската чаршија. Иако со судска пресуда од 1997-ма година влезот може да биде користен без никакви препреки или клуч, како што тврдат, нивниот комшија своеволно ја соѕидал вратата која води до нивниот фризерски салон. Како штo вели Славчо Мишев, спорниот пат во 2003-та година е доделен на комшијата, за што се уште се водат судски процеси.

Парцелата е купена со се дуќани во 61-ва година, а од 58-ма тука работевме со татко ми. Во 1986-та добивме одобрение за сопственост, а платени се сите давачки како комуналии. Во договорот кој е судски заверен 61-ва , одлучено е овде да поставиме канализација, водовод и сатови за електрична енергија. Исто така, дополнително во фризерскиот салон се платени комуналии, односно дејност, за што имаме целосна документација и решение. Повеќе од 30 години работиме тука и сето ова го создадовме. Со овој потег  на комшијата, на улицата се поставува блиндирана врата, ѕидот ни е оштетен, а заѕидана е влезната врата кон нашиот дуќан.“ – вели Славчо Мишев.

Неговата сопруга Љубица, истакнува дека без претходно нивно знаење, во текот на вчерашниот ден имало обид за поставување на блиндирана врата на овој потег, по што биле повикани полициски службеници од СВР Охрид.

Иако поседуваме имотни листови и катастарски решенија со кои се потврдува нашата сопственост, влезот е забарикадиран. Таму се наоѓаат нашите дуќани, а 10-тина семејни членови егзистираат од нив. Ја извадија вратата која ние ја поставивме пред 30 години и поставуваат своја блиндирана, со која пристап до дуќаните нема да имаме. При изведувањето на зафатите, ѕидовите ни ги оштетија, а јас тоа нема да го дозволам.“ – вели Љубица Мишева.

Таа истакнува дека битката на суд ќе проддолжи, иако веќе со децении бараат правдата да биде задоволена.

Ги молам надлежните да излезат на терен и да го решат овој проблем, бидејќи вакво нешто никаде нема. Во Охрид добивме службеност од судот, но во Битола ни беше одземена. Сега во дуќаните не може да се влезе, а не дај боже да дојде до некаков дефект, пожар или поплава бидејќи спас ќе нема. Нека слушне за ова и премиерот Груевски и нека дојде тука да види што се случува. Едноставно ние не сме моќни самите да ја решиме оваа неправда.“ – додава Мишева.

Во купопродажниот договор потпишан во 1961-ва година, стои дека купците можат да го употребат влезот, без при тоа да го стеснат слободниот простор од 1,5 метри во ширина.

O.T.