Со свечена вечера во просториите на “Emerald Reception” во населбата Томастаун вчера Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“ го одбележа 40 годишниот јубилеј од постоењето. На свеченоста, пред повеќе од 300 и повеќе гости и членови на друштвото се одржа пригодна програма.

Според нашите традиции, Отец Протоереј Ефтим Бетински одржа служба благослов и кршење на славниот колач обезбеден од семејството Анѓеловски, кумови на настанот. Потоа беше избран нов кум за оваа година, а тоа се Никола и Сашка Ставревски.

Овде вечерва сме заедно да го одбележеме 40 годишниот јубилеј на нашето друштво кое група активисти Крсте Наумовски-Мечкар, Тоде Димитриевски, Стојан Трпчевски, Сандре Ставревски, Лазе Петревски, Јонче Наумовски и Иљо Алексовски го формирале пред 40 годни во септември 1983 година, истакна во обраќањето претседателот на друштвото, Васко Ангеловски.

Во сите изминати години Охридското друштво е вбројано во најдобро организираните и меѓу најактивните во Мелбурн. Во овие изминати години многу соработувавме со нашата Македонија, а имаме одлична соработка и со градоначалникот на Општина Охрид, како и со други институции од градот и државата. Со заедничка акција на членовите и другите хумани луѓе е помогнато на болницата во Охрид, особено на Одделението за стари и изнемоштени лица, како и на други болници, училишта и старски домови и поединци како во Охрид така и во Р. Македонија, рече Ангеловски.

Во текот на програмата беа доделени благодарници и по една икона од Св. Наум Охридски -Чудотворец на основоположниците на друштвото и сите оние кои дале свој придонес во друштвото изминатите 40 години.

За добрата забава се погрижија естрадниот уметник Тања Лазаревска и Легато бенд, а специјален гостин беше 15 годишниот Димче Дамчески, кој се претстави со неколку убави песни.

Инаку, друштвото е формирано со цел обединување на македонскиот народ во дијаспората, конкретно во Австралија и хуманитарна помош за ранливите категории на граѓани во градот Охрид, Р. Македонија и секаде каде постои потреба. Друштвото исто така секоја година донира парични средства и за Кралската болница за деца во Мелбурн.

Друштвото го има добиено најголемото признание од поранешниот Претседател на Р. Македонија,. Ѓорѓе Иванов, за заслуги и добиени високи оценки, највисокото одликување ‘Повелба од Претседателот на Република Македонија’.

Силвана Павловска