Охрид последниве години се соочува со недостиг на квалитетен кадар за работа во хотелско-угостителската дејност. Најдефицитарни се келнерите и готвачите, поради што дел од работната сила угостителите ја увезуваат од другите градови, иако Охрид има специјализирано средно угостителско училиште и факултет за туризам.
-Нас ни требаат реално остручени кадри кои веднаш би можеле да се прилагодат на новиот начин на работење во светот. Ние мислимне дека во угостителството еднаш засекогаш е се зададено, не, во угостителството секогаш има напредок, различен начин на сервирање, различен пристап кон гостите и уште многу други новини.-изјави Димитри Пендовски, сопственик на ресторанот „Св. Софија“.
Во образовните институции, пак, проблемот го гледаат кај угостителите и сезонскиот карактер на охридскиот туризам.
– Обично хотелите во текот на зимските месеци се затворени и отвараат кон крајот на април, или почетокото на мај. На тој начин се што примиле минатата година го испуштаат и сега треба да примат нов персонал кој што мора од ново да се едуцира, односно нема перманентна едукација. Нормално тие не се виновни бидејќи тука е битен и финансискиот момент, меѓутоа мора да се размислува да се одржи едно јадро кое што перманентно ќе се надградува и кое понатаму ќе ги едуцира помладите кадри.-изјави Ангела Василеска, професор на Факултетот за туризам и угостителство – ФТУ во Охрид.
Василеска посочува дека кадрите кои ги продуцира ФТУ минуваат пракса во елитни ресорти во странство, а не мал од нив се одлучуваат својата кариера да ја градат во Европа каде угостителската дејност, за разлика од кај нас, е ценета и добро платена. Но има и такви кои се враќаат во својата земја со цел да ги пренесат своите богати искуства на младите угостители. Синиша Салатиќ е интернационален готвач 28 години и специјалист за италијанска кујна. Тој деновиве е гостин предавач на ФТУ во Охрид каде ги пренесува своите знаења на студентите на кои им порача дека без добра едукација нема да можат да бидат конкурентни ниту на домашниот пазар на труд.
-Ако немаме добра работна школа и утре ако дојде и Субрата Рој и отвори ресторан пак не ќе можеме да ги вработиме децата од градот. Ќе си земе тој свој персонал и пак ние ќе останеме без работа. Треба да се искористи ова време да се достигнат светските стандарди, да ги изучуиме децата да можат да бидат конкурентни.-вели Салатиќ.
Стручњаците сметаат дека е неопходна поблиска соработка помеѓу реалниот и образовниот сектор со цел кадрите кои се едуцираат да можат да одговорат на потребите на современиот туризам, особено што Охрид е се повеќе посетен од странски гости кои очекуваат услуга по највисоки стандарди, а не импровизации кои се уште се присутни во нашето угостителство.