Активистите од ОхридSOS велат дека се згрозени од последните труења на животни во Охрид и Струга и изразуваат сериозна загриженост за незаконското расфрлање отрови на територија каде живеат ретки и ендемски видови флора и фауна од огромно еволутивно значење и кои играат огромна улога во опстанокот на локалните екосистеми.

– Во последните неколку месеци низ повеќе населени места во Охрид и Струга бевме сведоци на зачестени случаи на незаконско расфрлање отров- пестициди и инсектициди кои во Македонија може да ги купи и дете во количина доволна да отруе цел град. Последиците од отровите беа полумртви и мртви бездомни и домашни кучиња и мачиња, а последната жртва е и еден примерок на нем лебед во селото Радожда. Загрижени сме за последиците кои овие очигледно високо токсични отрови можат да ги имаат врз останатите диви видови кои се дел од уникатниот екосистем на Охридското Езеро. А бидејќи сите видови се блиску поврзани и дел од еден сложен ланец на исхрана, последиците можат да бидат погубни и за луѓето кои ловат риби од езерото за храна. На езерото има и птици преселници кои отровот можат да го пренесат и преку границите на државата, велат од ОхридSOS.

Потенцираат дека состојба станува уште поопасна поради својството за лесно продирање во подземните слоеви на почвата кое го имаат одредени видови отрови и на кој начин би можеле да ја контаминираат водата за пиење во регионот.

– Испарувањето на езерото би го донел отровот во контакт со атмосферата каде преку дождот би можел да контаминира и зарази поголема површина и да предизвика вистинска еколошка катастрофа, додаваат од ОхридSOS.

Заради овие причини, бараат од надлежните институции да реагираат брзо и навремено, да ги фатат сторителите на делото незаконско расфрлање отрови на јавни површини и да спречат идни вакви активности. Од Министерството за животна средина и просторно планирање бараат да реагира за случајот на труење на заштитен див вид во републиката- немиот лебед, а до граѓаните упатуваат апел да бидат одговорни и совесни и доколку имаат некои сознанија за труењата да пријават во надлежните институции.

OhridNews

Отруен лебед во Радожда