Синоќа околу 19 часот, од кругот на фабриката „Отекс„ во Охрид, во полициска станица е приведен Н.Ј. (27) од Охрид.

Како што соопшти полицијата, истиот, со намера да изврши кривично дело „Кражба“ неовластено влегол во кругот на „Отекс“ и се упатил кон фабричката лабораторија за испитување на платна и ткаенини. Од страна на полициските службеници, Н.Ј. бил забележан непосредно по неговото  влегување во фабричкиот круг. По интензивно пребарување на фабричкиот простор, тој бил лоциран во лабораторијата за анализи и испитување на текстилни материјали.

Во фабричката лабораторија, Н.Ј. насилно влегол низ главната влезна врата обивајки ја истата со работна алатка чекан-секира со која успеал да изврши и оштетување на дел од лабораториската апаратура и друга лабораториска опрема. Со брза интервенција на полициските службеници, Н.Ј. е спречен во обидот да ја демолира фабричката лабораторија и против-правно да одземе дел од лабораториската апаратура, информираат од охридската полиција.  
    
Вчерашната акција на полициските службеници и приведувањето на Н.Ј. е резултат на континуирана оперативна активност на полициските службеници за сузбивање на кривичните дела кражба и пронаоѓање на сторителите. Во текот на март оваа година, спречен е обид за бесправно изнесување на електричен кабел од „Отекс“„  и приведен е сторител од Охрид во моментот на извршување на кражбата, посочуваат од полицијата.      
    
СВР Охрид, работи на целосно расветлување на овој настан но и на сите досега извршени оштетувања и кражби во „Отекс“ по што ке биде поднесена кривична  пријава. 

OhridNews