Единица за борба против Компјутерски криминал при  МВР поднесе кривична пријава против 26- годишен охриѓанец за сторено кривично дело “Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ .

Како што информираат од МВР, пријавениот во својство на студент во четврта година на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле“ од мај до почетокот на септември 2012 година, извршил неовластено навлегување и пренасочување на компјутерски податоци – дојдовни пораки во дигитална форма, од доверлива природа, од електронскиот поштенски сервер сопственост на наведениот универзитет  кон електронската пошта креирана од страна на пријавениот.


Имено, пријавениот користејќи го административниот панел на универзитетот, со употреба на легитимна администраторска е-маил адреса на пристап  и со користење на надворешна ИП адреса, без да поседува авторизирано одобрение од одговорно лице на универзитетот, извршил навлегување и неовластено пренасочување на поголем број дојдовни електронски пораки од доверлива природа, наменети за повеќе професори, асистенти и други лица вработени на Универзитетот. Се работи за податоци од финансиски природа за тендерски договори, задачи и прашања за испити, податоци за судски процеси кои ги водел правниот Оддел на Универзитетот и други информации со чија злоупотреба би можело да настане штета врз материјалната и интелектуална сопственост, научно истражувачката дејност, репутација и иден развој на Универзитетот.

По доставена пријава од Универзитетот за неовластено навлегување во администраторскиот e- mail панел и пренасочување на пораките од доверлива природа, преземени се мерки и активности при што утврдени се три ИП адреси кои припаѓаат на мајката на осомничениот сторител. По претходно обезбедена судска наредба извршен е претрес во домот на пријавениот, при што е пронајден лап-топ компјутер кој овозможувал извршување нелегални пренасочувања на горенаведените податоци и информации од доверлива природа.

OhridNews