СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Д. од Охрид, поради постоење на основано сомнение дека е сторител на кривичните дела „даночно затајување„ „оштетување или повластување на доверители“ и „фалсификување или уништување на деловни книги“, соопшти МВР.Како што се наведува во соопштението, пријавениот, во текот на 2008, 2009 и 2010 година, во својство на сопственик и управител на правен субјект, со намера да прибави противправна материјална корист, водел фиктивно сметководство, делумно се обезбедувал со фиктивни фактури, до УЈП Охрид не поднесувал ДДВ пријави или ги поднесувал со невистинити податоци, противправно подигал жирални средства од сметката на правниот субјект во деловните банки кои биле незаконски разкнижувани по повеке основи, без притоа да поседува соодветен документ. Со овие но и со неколку други противправни дејства, пријавениот во посочениот период, го оштетил буџетот на Република Македонија за вкупен износ од 1.735.189 денари и противправно ги прибавил за себе.
Истиот, во текот на 2009 и 2010 година, иако знаел дека неговата фирма е неспособна за плакање, со намера изиграл неколку доверители-добавувачи на бехатон плочки. Тој, со измамнички дејствија во книговодствената евиденција, наместо да ги плаќа обврските кон доверителите во износ од 2.625.053 денари, ги подигнал во готово од жиро сметка и лично, фиктивно ги евидентирал како материјални трошоци во износ од 3.615.500 денари во 2009 и 3.314.800 денари во 2010 година.
Во текот на 2009 година, пријавениот во книговодството употребил невистинита деловна исправа-фактура од друг деловен субјект, во износ од 190.549 денари со намера да евидентира набавка на материјал и искаже влезен ДДВ со право на одбиток од 29.066 денари.
Со измамнички дејства и лажно преставувајки се дека е вработен во Министерството за внатрешни работи, пријавениот оштетил повеќе доверители на неговиот правен субјект за вкупен износ од 2.500.000 денари и ја прикрил односно ја уништил деловната документација која законски бил обврзан да ја чува, се вели во соопштението на МВР.
Осомничениот е сопственик на градежна фирма и интернет медиум, кој потврди дека уредникот и сопственик на охридскиот портал бил повикан на информативен разговор. Медиумот пишува дека се неточни и тенденциозни тврдењата за наводно извршените кривични дела кои вчера беа објавени на една провладина телевизија, која, како што е најавено, ќе заработи кривична пријава за навреда и јавно изнесување на неточни информации. Во информацијата уште се наведува дека порталот во сопственост на осомничениот охриѓанец е критички настроен кон власта и дека таа до сега се пресметала со неколку такви медиуми. Исто така се наведува дека уредникот на порталот по информативниот разговор во полицијата поради нарушено здравје бил хоспитализиран во охридската општа болница.











