Охриѓанецот Кирил Џулески е еден од неколкуте професионални сервисери на каси и сефови во Македонија. Овој доктор за сефови, како што го нарекуваат неговите пријатели, досега отворил и поправил стотици домашни и службени сефови, како и бројни трезори на банки. Вели дека знае како дишат сефовите и дека за да отвори било каков сеф, во просек, му треба околу половина час.
Џулески објаснува дека иако навидум изгледа едноставно, сервисирањето на каси и сефови е комплицирана, одговорна и доверлива работа.
-Најчесто се отвораат сефови со изгубени клучеви или заборавени шифри, па затоа треба да бидеш и психолог и секогаш да имаш добра проценка за тоа каков е човекот што бара да му го отвориш сефот, за да не дојде до злоупотреба, вели тој.
Американска обука
Тајните за отворање и поправка на расипани или заглавени сефови и каси Џулески ги научил од Американци кои спровеле специјална обука во фабриката ЕМО, каде што бил вработен.
-Откако ја завршив обуката, почнав да работам како сервисер на касите, сефовите и трезорски врати од ЕМО, кои беа продадени низ балканските земји. Покрај тоа, бев овластен и за сервисирање на трезорите од поранешната СОК во Македонија. Во моето досегашно искуство не ми се случило да не можам да отворам сеф, вели Џулески, кој често работел и на итна потреба кај приватни лица.
Иако неговите очи виделе многу пари, накит и богатство, а знаел шифри на голем број сефови, Џулески е горд што никогаш не се полакомил. Тој вели дека неговото мото е „Честа не се продава за никакво богатство“.
– Бев на повик за отворање сеф во Белград, кај еден златар. Секогаш кога сум при крај со отворањето, принцип ми е да го викнам сопственикот, за да биде до мене кога ќе го отворам. Така беше и тогаш. Откако ја отворив вратата, му реков на сопственикот да си ги извади работите од сефот за да го поправам. Имаше многу пари, накит, злато… Тој ги тргна настрана и почнав да работам. Подоцна забележав дека има уште нешто во сефот. Тоа беа пет дијамантчиња, кои сигурно вредеа многу. Веднаш го викнав сопственикот и му ги дадов. Тогаш тој ми подаде рака велејќи ми дека намерно ги оставил дијамантите за да ми ја тестира честа, а потоа ме чести тогашни 100 германски марки, раскажува Џулески.
Фармерки во сеф
Сервисирањето сефови Џулески го работи со посебно овластување од полицијата и многу често соработувал со полициските служби во расветлување на кражби на сефови.
-Многу пати се имам изненадено од фактот што сефови со многу пари имаат и луѓе за кои постои мислење дека се средно ситуирани. Според тоа што го имам видено, во сефовите најчесто се чуваат пари, накит и оружје, но и најразлични документи и хартии од вредност, вели Џулески.
Тој нагласува дека најинтересно искуство имал во една прилика, кога отворил сеф во кој имало само еден пар фармерки.
-Полицијата пронашла неотворен сеф, фрлен во река во Охрид, но бидејќи немале пријава за кражба, ме повикаа да го отвориме сефот. Кога ја отворив вратата, бев изненаден. Внатре имаше само еден пар фармерки. Подоцна дознавме дека сефот бил од некој бутик од Струга, чиј сопственик не ја пријавил кражбата затоа што му било срам да каже дека во него има само едни фармерки, вели Џулески.
Е.М