Охрид крие голем број млади и талентирани автори, чии дела најчесто завршуваат зафрлени по фиоките, или трајно заборавени во податоците низ компјутерите. Овие уметници имаат таква способност, што можат од обичното парче хартија да направат ремек дело, искажувајќи ги при тоа сопствените емоции.

Перото на младиот охриѓанец Блаже Љушев, веќе со години ги претвора неговите чувства во стихови. Овој наш сограѓанин, зад себе има издадено една стихозбирка, а неговите досегашни поетски дела, надминуваат бројка од преку 400 песни.

Никогаш не помислив дека еден ден ќе пишувам поезија. Мојата одисеја започна уште во средношколските денови, како ученик во  средното училиште „Св. Наум Охридски“. Се започна со конкурсот за поетски творби, по повод патрониот празник на училиштето. Сакав да се испробам во оваа бранша, а по некое време бев известен дека ја добив првата награда. Потоа целото мое творење се претвори во секојдневие, при тоа не бирајќи место каде ќе пишувам.“ – вели 21 годишниот охриѓанец, Блаже Љушев.

Нашиот сограѓанин, инспирацијата ја црпи од длабочините на душата, при тоа запишувајќи ги сопствените чувства во стихови. „Секој човек си има различен мотив, но поезијата претежно ја пишувам за таа безнадежна љубов и изневереното другарство. Едноставно сакаш да бидеш поинаков од другите. Концептите доаѓаат и кога чекорам по улицата, претворајќи го тој револт од секојдневието и општеството во зборови.“ – истакнува Љушев.

На 10-ти септември 2009 година, во просториите на НУ „Григор Прличев“ тој го издава првото свое авторско дело, насловено како „Ветрови на имагинацијата“. „Тоа беше промоција на мојата прва стихозбирка, која содржи 30 песни. Како уредник и најголем подржувач се јави мојата професорка од средното училиште, Татјана Дурнева, а изданието се печатеше во „Летра Дизајн“ – Охрид. Песните се претежно љубовни, а опфатена е и мотивационата тематика. Како и да е, јас сум презадоволен што ете, мојот сон да објавам сопствен труд се оствари. Целиот процес на творење за потребите на книгата, траеше неполн месец. Инспирацијата доаѓаше спонтано, а перидот ми беше доста продуктивен.“ – додава Љушев.

Подршката која ја добива нашиот сограѓанин од родителите и поранешната професорка по македонски јазик, била пресудна во процесот на творење. Сепак, земјава на некој начин не се бори за афирмација на овие млади и талентирани луѓе. Неговото дело иако е веќе промовирано, се уште не нашло место во излозите за продажба. „Од некои добиваш подршка, а некои луѓе едноставно не ја почитуваат уметноста. Едни велат – оди напред без да запираш, додека други те исмејуваат. Книгата може да се најде лично кај мене и ја давам по симболична цена. Инаку, мојот творечки опус брои преку 400 необјавени песни. Иако е тешко да се каже која ми е омилена, сепак ќе ја издвојам „Боли ли?“.“ – истакнува Љушев.

Покрај со уметност, нашиот талентиран сограѓанин е државен првак и репрезентативец во атлетика, во дисциплината 110 метри со пречки. Студира на Факултетот за информатика „Св. Апостол Павле“, а во слободно време сака да слуша добра музика.

Со добра организација се има време за се. Од списокот ги тргаш оние работи кои не ти се потребни. Моментално студирам и сум трета година на овој факултет. Државен првак сум во дисциплината 110 метри со пречки, а мило ми е што ги бранам боите на мојата земја. Сакам да го издвојам мојот тренер, Влатко Димитров, без кого на ова поле нема да успеев. Исто така уживам додека свирам на гитара, а ги читам делата на младите талентирани луѓе како мене, кои ги објавуваат трудовите на своите блогови.“ – потенцира Љушев.

За крај, на охриѓани им препорачува да не се откажуваат никогаш од уметноста. „Охридов крие многу таленти кои не сакаат да се експонираат во јавност. Би им препорачал да ја почитуваат уметноста од секаков вид. Бидете жедни за знаење бидејќи само така можеме да одиме напред. Учете додека сте живи и тоа нека ви биде водилка во животот.“ – завршува нашиот талентиран автор, Блаже Љушев.
 

О.Т.