Во 80-тите години од минатиот век, група ентузијасти и љубителите на воздухопловството го формираат Аеро клубот Охрид, кој до 90-тите важи за еден од најдобрите клубови за моделарство на просториите од поранешна Југославија.

Денеска охриѓанецот Димитри Димитров е еден од ретките луѓе на Балканот, чија страст претставува рачната изработка на аеро модели на гумен погон. Почетоците околу ова несекојдневно хоби, нашиот сограѓанин ги направил уште на осум годишна возраст кога неговиот вујко го запознава со првите аеро модели.

Пред повеќе од 18 години, мојот вујко Драган Чубриќ ме запозна со аеро-моделите, хоби кое му е пренесно од страна на неговиот вујко кој бил на студии во Франција. Започнал да осознава како се направени и како функционираат, а сето тоа знаење ми го пренесе мене. На 8 годишна возраст започнав со летање на разни авио модели, со кои бевме на многу натпревари низ земјава.“ – вели Димитров.

Во неговата работилница која се наоѓа во централното градско подрачје се изработуваат повеќе видови на аеро-модели, кои се наменети за сите возрасни групи на граѓани. Процесот на изработка е долг и макотрпен, а авионите се изработуваат од различни материјали.

Пред се се’ користи дрво, пластика  и гума која служни како погон за моделите. На почетокот, имавме проблем да изработиме сопствен алат потребен за пластичните делови како пропелери, нос, држачи и тркала, но подоцна тоа ни го направија алатничари од Охрид. Се користат доста лесни дрвцина  кои служат во моделарството и во холивудските филмови. Крилата и вертикалите се изработуваат од депрон, односно изолационен материјал на кој се става штампа.“ – вели Димитров.

За поголемите аеро модели потребни се и неколку месеци работа, ако се знае дека во текот на процесот потребна е голема внимателност и педантност.

За еден поголем авион потребни се повеќе од месец дена работа, бидејќи има процес на сечење на дрвцата, лепење и составување. Сите четири страни треба да се поврзат со трупот. Следи нивно прекривање со специјална јапан хартија. Таа се поставува од сите страни со шпениглина, а едната страна ја мачкаме со лак. Авионот го оставаме на цврста подлога неколку денови, како лакот би се исушил и моделот би добил на крутост. На крај, можеме да уживаме во неговите летања.“ – додава Димитров.

Од неговата работилница излегуваат три видови модели кои се наменети за комерцијална продажба, но со неговиот вујко има изработено различни хеликоптери, балони и „крцкалки“.

Моделите Фокер, Мустанг и Хорнет наменети за продажба имаат должина на труп од 36-37 сантиметри и распон на крила 30-36см. Сите тие се на гумен погон, а заинтересираноста на домашниот пазар е мала бидејќи се повеќе се изработуваат радио-командувани авиони. Но трудот, времето, педантноста и љубовта која се вложува тука, тие модели ги немаат. Исто така, кинеските производи на еден начин го уништуваат пазарот на домашните рачно изработени модели. Овој производ е единствен на Балканот, а јас сум единствен на просторот од поранешна Југославија што изработува рачно вакви авио-модели.“ – истакнува нашиот сограѓанин.

Зависно од должината на гумата која се користи како погон, помалите модели можат да летаат до 20-тина секунди, додека оние поголемите од пет до десет минути.

Со оваа гума со должина од 27 сантиметри која ја ставам на помалите модели, летот трае околи 20-тина секунди. Сепак постојат повеќе временски параметри кои директно зависат на самиот лет. Се случува да загубите некое авионче поради воздушните столбови. Исто така, ветрот игра клучна улога во целиот процес. Авиончињата најчесто ги летам на паркингот кај Трета Горца, бидејќи сакам моделите да ги проверам пред да ги пуштам во продажба.“ – вели Димитров.

Во иднина, нашиот сограѓанин се надева дека заинтересираноста кај охриѓани за аеро-моделите ќе порасне, а моментално преговара со компании од Хрватска и Србија кои се заинтересирани за неговите рачни изработки.

Сите заинтересирани околу ова несекојдневно хоби можат да се информираат на страната на македонската авио-асоцијација. Таму постојат доста корисни информации за моделарство, макетарство и ракетарство. За аеро-моделите во Охрид и податоци за поранешниот клуб, граѓаните можат да го посетат сајтот http://icaraeromodels.com/ “ – завршува нашиот сограѓанин Димитри Димитров.

O.T.