Охриѓанецот Јордан Ќосевски кој е Доктор по економски науки, вчера ја прими Годишната награда на Народна банка на Република Македонија за 2016 година.

Наградата му беше доделена од страна на Гувернерот на НБРМ, Димитар Богов во рамки на петтата експертска конференција „Преносни ефекти од економскиот и финансискиот циклус: преиспитување на домашните и прекуграничните канали и одговорите на политиките“ која се одржуваше во Скопје.

Станува збор за Годишна награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата, за која НБРМ имаше распишано Јавен конкурс. Наградата има за цел да го поттикне развојот на научната мисла преку изработка на трудови од областа на макроекономијата, како и за афирмација на млади и стручни кадри.

-Ми беше особена чест како Охриѓанец наградата да ја примам во рамките на оваа конференција на која како учесници беа Гувернери, претставници од Централните Банки и истакнати професори од многу земји од Европа како што се Хрватска, Словенија, Турција, Црна Гора, Унгарија, Полска, Франција и од други земји, особено што јас бев единствениот невработен и сум еден од двајцата невработени Доктори на науки во Охрид кој присуствуваше на оваа конференција, вели Ќосевски.

Темата на неговиот награден труд гласи „Банкарски специфични и макроекономски детерминанти на нефукционалните кредити во Република Македонија: Компаративна анализа на кредитите на претпријатијата и домаќинствата“.

-Целта на овој труд е да се испита влијанието на банкарските специфични и макроекономски детерминанти на нефункционалните кредити во Република Македонија. Притоа пооделно се анализираат нефукционалните кредити кај претпријатијата и кај домаќинствата, појаснува Ќосевски.

Инаку овој млад истражувач во 2012 година бил добитник на Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на осигурувањето и управувањето со ризици која ја доделува Агенцијата за Супервизија на Осигурувањето.

OhridNews