Копаничарството претставува еден од најстарите занаети на овие простори. Во градот под Самоиловата тврдина, вековната традиција од познатите галички копаничари се одржува до денес. Умешноста на мајсторите обичното дрво да го воскреснат, ги создала ремек делата кои сведочат за големината на охридските уметници. Своето творештво го изразувале преку вдлабнувањето на рамната површина од дрвото, оставајќи неизбришливи траги кои говорат за една измината епоха. Како виновник за продолжување на таа лоза од ценети мајстори, е старата охридска школа за дрворез, затворена далечната 68-ма година.
Од тогаш, овој традиционален занает се пренесува преку искуствата на копаничарите од колено на колено. Веќе 15-тина години, вредните раце на Драган Неловски изработуваат православни мотиви, длабоко вдлабнати во сржта на дрвото. „Околу 10 години, работев во ателјето на фирмата ЕМО, каде што твореа сите стари мајстори кои потекнуваат од охридската школа. Потоа ја отворив сопствената работилница во стариот дел од градот, исполнувајќи си го сонот да изработувам дрворези.“ – вели Драган Неловски.
„Овој занает се работи исклучиво рачно, со помош на глета. Иако во модерното време постојат машини за изработка на дрворези, рачната обработка на дрвото му дава душа. Претежно се застапени цветните и рајсите мотиви од христијанството, потоа лозата и желадите. Самата резба претставува отсликување на христијанските мотиви, црквата и верата. Таа претставува живот на дрвото, односно благодет што го дава природата. Некои дела се инспирирани од фрагментите на старите иконостаси, а други се комбинации од старите мајстори и нешто ново. Сепак, карактеристично е што секоја творба е уникатна и се разликува од претходните“ – потенцира нашиот сограѓанин.
Карактеристични за охридскиот регион се трите видови на резба, кои заедно го создаваат охридскиот стил на творење. Тоа се плитката или 2-димензионална, длабока или 3 – димензионална и скрозираната резба. Од овие три типа на резбање се прават икони, намештаи, кабинети и иконостаси. „Во зависнот од видот на резбата, потребно е повеќе или помалку време за изработка. Обично како мера се зема еден дециметар квадратен, а за плитката резба потребни се миниум 8 работни часа во денот. Длабоката бара повеќе внимание, но сепак видот, материјалот и расположението се параматерите кои мора да се вклопат за да се обработи делото како што треба. “ – вели охридскиот копаничар, Неловски.
Најчесто обработувано дрво е оревот, а старите мајстори ги користеле и липата, домашнте овошки како јаболко, круша и цреша. Според Неловски, занаетот е доста ценет меѓу народот, но веќе не постојат туристите кои се заинтересирани да купат некое дело. За луѓето да се занимаваат со оваа рачна изработка на дрвото, пред се е потребна љубов, дарба и предиспозиции.
„Луѓето велат дека тоа е дарба од Господа, но сепак треба и знаење, учење и искуство. Највеќе зависи од самиот човек, пошто работата бара многу трпение, време и сталоженост. Кај младите постои интерес, но тој е моментален. Ретки се тие кои ќе посветат повеќе внимание кон создавање вакви дела. Тие се разочаруваат пошто мислат дека оваа професија ќе им донесе брзи приходи. Има месеци кога продажбата оди слабо, но тоа е релативно. Основата не е цената, туку љубовта“. – завршува Неловски.
Инаку, традицијата кај Неловски говори дека со овој занает од неговата лоза последно се занимавал пра-дедотото, а синот на Драган има амбиции да ја продолжи умешноста на старите охридски мајстори.
О.Т.