Актерот и стендап комичар Никола Тодороски од Охрид, го оствари својот прв настап во популарното „Comedy Café“ во Амстердам.
На 27-ми август во еден од најпопуларните стендап клубови во Европа, со свој комичен сет изведуван на англиски јазик настапи македонскиот стендап комичар Никола Тодороски (меѓу публиката познат и како Охриѓанецот). Претходно на интернационално ниво Никола настапувал два пати во Словенија и еднаш во Хрватска во познатиот стендап клуб „Студио Смијеха“.
“Ова ми беше втор настап на англиски јазик и помина доста добро. Амстердам е светска туристичка дестинација и во самиот град живеат луѓе со повеќе од 150 националности. Имаше околу 100 луѓе во публиката-идеална бројка за стендап клуб и ми беше голем предизвик да настапам пред интернационална публика. Цреша на врвот на сладоледот е што успеав да се запознаам со најдобриот стендап комичар од Холандија во последните пет години-Наџип Амхали кој беше присутен во публиката за време на шоуто. По настапот разговаравме и ми кажа дека му се допаѓа матeријалот со кој настапив и дека доста добро се снајдов со англискиот иако, како што рече, и самиот знае дека воопшто не е лесно да се настапува на друг јазик освен мајчиниот.“ – изјави за OhridNews, Тодороски.
Никола по настапот во „Comedy Café“ доби отворена покана за настап на интернационална стендап вечер во еден од познатите театри во Амстердам-„Comedy Theatre De Nes“, во кој имаат настапувано комичари од светски калибар како Еди Изард, Луис Блек и други. Настапот треба да се случи кон крајот на оваа година. Во меѓувреме Никола продолжува со своите настапи низ Македонија.
OhridNews