Еден од виновници за продолжување на децениската традиција на македонската фолклорна песна, е несомнено охридскиот естраден уметник, Петар Нечовски. Овој наш музички уметник, следната година ќе ја одбележи 35-тата година од неговиот творечки опус, односно, 100-тиот фестивалски настап во земјава и ширум светот. Покрај овие значајни јубилеи, охриѓанецот Нечовски забележа 25 години континуиран настап на реномираниот „Валандово Фест“, а неговата приказна се заокружува со издавањето на 15-тиот носач на звук.


Мојот дебитантски настап е далечната 1978 година. Наредната 79-та, за прв пат настапив на скопскиот фестивал за забавни мелодии. Во тоа време се занимавав со интерпретирање на забавни песни, а со распадот на поранешна Југославија се ориентирав кон традиционалната фолк песна. Во 1988 година настапив на Фолк Фест Валандово, а во овие 25-години како дел од тој фестивал, дури 7 пати сум наградуван“ – вели Нечовски.


Нашиот сограѓанин кон крајот на септември го издаде своето ново издание, кое содржи 19 музички записи. „Ова претставува 15-ти носач на звук во мојата кариера, кој излезе во јавноста кон крајот на септември. Во ова цд се застапени 16 музички записи и 3 бонус песни. Албумот ќе се промовира со преку – океанската турнеја, која е закажана за новогодишните празници, а ќе трае се до 16-ти февруари. Ќе настапам во повеќе градови во Канада и САД, меѓу кои Охајо, Бафало, Детроит, Њујорк, Торонто, Винзор и уште многу други. Целта е да се промовира традицијата и македонската песна кај нашите иселеници во светот“ – потенцира Нечовски.


Овој наш естраден уметник веќе седум пати е избран во најпопуларните 10 фолк пејачи, а 2 пати е закитен со највисокото одличје. „Меѓу позначајните настапи се фестивалите на Камбера Фест, „Македонска Грутка Фолк Фест“ во Торонто, потоа нашите Цветници, Филиграни, Гоце Фест, Тетовски Фолк фестивал, Охридски Трубадури, како и Песна на летото. Исто така пред повеќе од 20 години имам учествувано на избор за песна на евровизија од Македонија, што ќе ја претставува Југославија на меѓународната сцена. Песната беше изведена во Белград, заедно со  Марина Бухарич и Маргица Антевска.“ – додава Нечоски.


Веќе 10 години, Нечовски се јавува како текстописец и композитор во своите песни, но отсекогаш соработувал со  познати имиња од оваа фолк сцена. „Песните ги пеам со сета позитивна енергија од дното на душата. Во  мојата кариера сум соработувал со композиторите како Дамир Имери, Димитар Павловски, Глигор Копров, Живко Инглишич, Ванчо Димитров, Александар Џамбазов, Мите Груевски, Хари Котлароски и други. Моментално работам на видео записи за моите песни, а спотот  „За Љубовата пеам“ влезе во 10-те најуспешни видео клипови за 2012 година според „ИМтиви“ порталот.“ – вели охридскиот естраден уметник, Нечоски.


За крај, нашиот Петар Нечоски им порача на охриѓани да не го менуваат градот за ништо на светот. „Сакајте го Охрид каде и да сте. Чувајте го Охрид зошто вреди многу. К’петесе во езерото зошто дава здравје, сила и напредок. Тоа е благословено од крстот кој се фрлат за Водици во езерото.“-вели Нечоски.

О.Т.