По остварувањето на првиот стендап настап во Амстердам пред неколку месеци, македонскиот актер-стендап комичар Никола Тодороски продолжува со своите интернационални настапи. Овој пат тој имаше три настапи во стендап клубови во Лондон, меѓу кои и еден во светски познатиот клуб „COMEDY STORE“ во кој на сцената настапувале планетарно популарни имиња како Робин Вилијамс, Џери Сајнфилд, Крис Рок и др. Никола е првиот македонски стендап комичар кој настапил во Лондон.

“Ова кратко патување од недела дена тотално ме промени како стендап комичар. Имав прилика да настапувам на три различни места и да го почувствувам притисокот на Лондон и огромната конкуренција таму. Мислам дека е огромен предизвик да го фрлиш материјалот на англиски во лицата на луѓе од сите страни на планетата и да видиш како функционира. Пред да заминам имав одредени очекувања и претпоставки како ќе изгледа да се настапува таму, но кога пристигнав беше тотално поинаку. На пример за да добиеш само 5 мин. во било кој трето класен клуб во Лондон е како да си добил бинго. Настапив во три различни стендап клуба. Во топ класа клуб „COMEDY STORE“, во клуб со среден рејтинг „HEADLINERS COMEDY SLUB“ и во андерграунд клуб „PARTY & PIECE“. Тоа ми помогна да си создадам слика за стендап животот во светска метропола каква што е Лондон. После ова знам дека ќе има промени во мојата стендап кариера и знам дека дефинитивно ќе се вратам во Лондон пак.“ -изјави за OhridNews Никола Тодороски.

Во меѓувреме Никола продолжува со своите ангажмани во Народниот театар Охрид и настапи низ Македонија.

OhridNews