Охриѓанецот Тане Србиноски кој веќе 20-тина години се занимава со одгледување и чување на украсни птици, овој викенд своите вредни животински експонати ќе ги презентира на 8-мата по ред изложба во Брвеница, која се организира под покровителство на тетовското друштво „Дијамантски петел“.

На настанот на кој ќе има учесници од цела Македонија како и гости од Хрватска, нашиот сограѓанин ќе ги претстави своите украсни структурни гулаби и патулеста живина.

Јас како член на друштвото „Дијамантски петел“ повторно ќе настапам со одреден број на птици и патулеста живина. Тоа ќе бидат лепезани, кинески галебичи, фризирани гулаби, кинеска и англиска мини-мондена, добошари, македонска масерка како автохтона врста гулаб, англиски типлери, охридска врста типлери, патулеста живина, кокина и бантам.“ – вели Србиноски.

Стандардизација на „Шарпланинскиот пејач“, за прв пат специјалка за лепезани и донек

На маниефестацијата која е директно поддржана и потпомогната од тетовската локална самоуправа и приватниот сектор,  експертите кои ќе допатуваат од Хрватска ќе бидат присутни за да го стандардизираат „Шарпланинскиот пејач“, петел кој во проеск пее по 40-тина секунди без престан.

Во склоп на самата изложба и секцијата од Брвеница која функционира со македонски автохтони раси, за прв пат ќе има специјалка за лепезани и македонски донек. Овие вредни експонати ќе бидат презентирани за присутните да видат какви се всушност овие вредни автохтони примероци. За изгледот на птиците ќе се погрижат судии оценувачи од Македонија и тоа јас и Трајкоски Горан од Прилеп за украсни гулаби, Мицески Александар од Прилеп и Бобан од Тетово за украсна живина, како и двајца стажиранти за живина и гулаби.“ – потенцира Србиноски.

Голем број награди, медали и пофалници за учесниците

Во склоп на овогодинешната манифестација, учесниците ќе се здобијат со голем број награди, медали, пехари и пофалници.

За двете специјалки, за лепезани и македонски донек, ќе бидат доделени награди. Исто така, предвидени се пехари за најдобар гулаб, патулеста живина, експонат на изложбата и севкупен победник како најдобар одгледувач на настанот. Ќе има пофалници и медали за сите оние кои не поддржуваат, а нема да се заборави ни тетовската локална самоуправа која го потмогнува настанот.“ – вели Србиноски.

Охридка гаќеста ластовица

Како што објаснува Србиноски, во мометнов тој настојува официјално да ја регистира новата врста  гулаби, наречена „Охридска гаќеста ластовица“.

Во моментов работам на таа врста, која планирам да ја стандардизирам. Но нормално, целиот процес си сака финансии. Се надевам дека во иднина, истата ќе имам можност да ја презентирам на меѓунардони изложби.“ – вели Србиноски.

Минатиот месец оддржана изложба во Сомбор

Покрај изложбите во Македонија, оваа година Србиноски учестуваше и на меѓународната маниефестација за украсни птици и живина оддржана во српскиот град Сомбор.

Слободно може да се каже дека станува збор за саем на украсни птици и живина,  на кој се презентираат повеќе од 3500 експонати. Тоа беше тридневна авантура и дружење. За сите нас, настанот претставуваше еден вид на доедукација и дообука. Оттаму понесов благодарница и по некоја награда, а спомените кои остануваат во нас ги споделивме преку фотографии.“ – истакнува Србиноски.

Пехар за најдобар гулаб на скопската изложба

На 8-ми и 9-ти февруари во ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“ во Скопје, на изложбата за украсни птици и живина, нашиот сограѓанин се здоби со пехарот за најдобар гулаб.

Настанот привлече голем интерес. На учениците им ги претставивме врстите, карактеристиките и различностите кои ги имаат птиците. Можам да се пофалам дека на таа изложба победив во класата на украсни гулаби.“ – вели нашиот сограѓанин.

Едукација и запознавање на младите со птиците

Желба на нашиот сограѓанин е во Охрид да се одржи едукативна работилница, на која младите ќе можат да се дружат и запознаат со природата, животните и птиците.

Мора да почекаме времето да се стопли и да видиме кој е расположен да помогне, бидејќи човек сам не може да успее. Мислам дека со оваа идеа, на охриѓани ќе можеме да им презентираме дел од вредните животински експонати со кои располагаме.“  – вели Србиноски.

О.Т.