„Различностите нѐ збогатуваат“ е песната што ги претстави Охрид и Македонија на Меѓународниот фестивал за детска поезија „Детско царство“ кој традиционално се одржува во Бања Лука. Автор е Теодор Тасевски, поранешен ученик  од ОУ „Св. Климент Охридски“, кој под менторство на Никица Мишева, професор по македонски јазик, по вторпат се пласира во финалето на овој значаен поетски фестивал.

Инаку, Тасевски пред извесен период ѝ се претстави на охридската публика со својата прва збирка поезија насловена како „Поетски воздишки“, а во моментов, како ученик во охридската гимназија „Св. Климент Охридски“, работи на нова книга, која ќе биде изненадување за читателите.