Охридскиот автор Видое Видичевски се најде меѓу дваесет и двајцата истакнати македонски писатели, кои ќе добијат благодарници за педесетгодишнотото членување во Друштвото на писателите на Македонија.
Во знак на признателност за вредностите на литературното дело, претседателството на ДПМ одлучи на последната седница благодарница да добие и охриѓанецот Видичевски.
Тој е роден на 8-ми јануари 1931-ва година во Охрид, а член на ДПМ е од 1959-тата. Има завршено Филозофски факултет во Скопје, а во неговите дела се јавува како поет, раскажувач, романсиер и драмски писател.
Неговиот богат творечки опус брои 12 дела, меѓу кои драмите „Бреговите се немирни“, „Балада за орканата“, потоа романите „Големата шума“ во два дела, „Таинствени води“ и „Времето на црвените рози“, расказите за деца „Приказни за Дамјана“ и „ Заробеници на вечерните игри“, збирките поезија „ Сини питоми утрини“, „ Вечерен пејзаж од градот“, односно „ Песни за потопот“ и тв-серијата од 10 епизоди „ Малиот одред“.
Охридскиот писател е добитник на наградата за најдобра книга за деца „РТВ Скопје“, како и награда од книгоиздателството „Детска радост“.
Останатите поети кои ќе добијат благодарници се: Матеја Матевски, Милан Ѓурчинов, Георги Сталев, Цане Андреевски, Георги Старделов, Илхами Емин, Благоја Иванов, Јован Стрезовски, Влада Урошевиќ, Фахри Каја, Јован Павловски, Србо Ивановски, Оливера Николова, Радован Павловски, Методија Фотев, Александар Поповски, Гордана Михаилова Бошнакоска, Иван Чаповски, Миле Неделкоски, Александар Ежов и Милан Терзовски.
Благодарниците ќе бидат врачени на 13-ти февруари, на свечениот собир по повод одбележувањето на денот, кога оваа друштво е формирано.
OhridNews