Во изминатиот период, граѓаните стравуваа од полураспаднатите куќи кои се наоѓаат на потегот од старата охридска чаршија, па се долж улицата „Гоце Делчев“. Но жителите од старото охридско јадро, реагираат и на полу-распаднатата куќа кај „Сараиште“, чиј под веќе со години виси врз главите на граѓаните.

Иако надлежните служби уште пред неколку месеци уверуваа дека ќе бидат санирани оштетените објекти кои претставуваат опасност, се уште нема реакција. Охриѓани велат дека во „тунелот“ кај „Сараиште“, секојдневно поминуваат жителите од стариот дел на градот и бројните туристи кои престојуваат на охридската ривиера.

Ова е една од најпрометните улици во Охрид, со оглед на фактот што оттука туристите се движат кон кафетериите, рестораните, црквите и културните знаменитости што ги има градот. Едноставно овој проблем мора да се реши. Кој ќе одговара ако во еден моменти попуштат гредите и трската на која што е изграден овој објект.“ – вели жител од стариот дел на градот.

Охридските архитекти покрај овој проблем, ја истакнуваат и лошата состојба на ѕидините кај Долни Сарај, за чија санација потребно е да се изготви соодветен проект.

Ѕидовите кај Долни Сарај и целокупниот простор мораат соодветно да се обезбедат. Постои опасност од распаѓање на ѕидините. Тука се наоѓа „Мостот на желбите“, каде во текот на летото поминуваат токму нашите деца. И не само тие, тука се и туристите и жителите од околните населби. Има уште неколку места на овој потег, кои претставуваат сериозна опасност.“ – со заеднички став се охридските архитекти.

За охриѓани проблем претставуваат и дел од руинираните објекти на улицата „Гоце Делчев“, кои подолг временски период се оставени на „милоста“ од природата.

Граѓаните се надеваат дека надлежните служби ќе излезат на терен и ќе ги решат проблемите пред почетокот на туристичката сезона, а до тогаш охриѓани ќе мораат да бидат внимателни.

О.Т.