По теркот на Младинскиот културен центар Скопје и Домот на млади Штип, охриѓани веќе долго време бараат свое катче во градот под Самоиловата тврдина, каде младите ќе можат да го поминат своето слободно време и да ги остварат своите уметнички цели.
Повеќето сметаат дека со изградба на еден младински центар во Охрид, ќе се подобри квалитетот на едукација кај младите, ќе се афирмираат недоволно познатите уметници, музичари и ентузијасти, но и ќе се намалат девијантните појави доколку енергијата се насочи кон едно вакво место.
„Идеата за основање на Младински културен центар во Охрид има повеќе позитивни страни, а ниту една негативна. Младите охриѓани ќе имаат шанса да го насочат својот ентузијазам и креативен потенцијал на едно место, каде што побрзо ќе се развиваат поради можноста за размена на идеи и позитивната работна околина. Бројот на културните настани во нашиот град вон туристичката сезона е очајно низок, а токму основање на Младински културен центар би било решение на овој проблем.“ – вели охридскиот „илузионист“ Филип Петрески.
Дел од охридските музичари сметаат дека еден ваков објект би можел да се вметне во веќе постоечката инфраструктура, а преку истиот градот би постанал лидер по бројот на културни настани кои се оддржуваат во земјава.
„Изградба на Младински културен центар или обезбедување на простории во постојан објект како на пример Домот на култура, во кој младите би можеле да се изразуваат слободно. Ваквиот објект би вклучувал концертна помала сала, просторија за изложби, мултимедијална просторија за групно следење, дискутирање и дејствување на младите. Како пример ќе го посочам Штип кој веќе има еден таков комплетно опремен Дом на млади, додека кај нас, иако сакаме да бидеме град-лидер со културни настани, ваков центар нема. Недостасува и простор каде охридските бендови ќе имаат можност да вежбаат и целосно да се афирмираат, катче кое ќе е целосно опремено и во служба на охриѓани.“ – вели охридскиот архитект и член на хард-кор бендот „Харфејсд“, Игор Снегар.
Оние кои имале можност да живеат и студираат во Штип, односно да учестуваат на бројните културни настани кои се случуваат во текот на целата година во овој град, потенцираат дека во Охрид не постои можност младите да го искажат својот талент во сопствениот град.
„Во моето четиригодишно школување на џез академијата во Штип, отсек џез-контрабас, ми беа овозможени чести настапи во Дом на млади” и остварување на контакти со многу музичари од секаде. За разлика од многу градови во Македонија и во светот, Охрид не ја дава таа можност младите таленти да ја искажат и споделат својата уметност пред се во својот град. Доколку се отвори ваков културен центар каде би можеле уметниците да се собираат и да остваруваат свои уметнички цели, а градот Охрид би се издигнал многу повеќе на културно ниво.“ – вели охриѓанецот Антонио Ристески.
Уметниците истакнуваат дека преку еден ваков постојан објект, културната едукација кај младите ќе биде загарантирана.
„Во суштина, ова е добра фикс идеа доколку истата би се реализирала. Конечно ќе може да излеземе од дома и одлично да си поминеме на некои од случувањата. И да не заборавам, гратис стекнување со културна едукација. Редно е луѓето во Охрид да имаат соодветно место каде да излегуваат.“ – истакнува охридскиот уметник Владо Мартиноски.
Постарите охриѓани се согласуваат дека од една таква „културна“ инвестиција, огромен бенефит би имале не само младите, туку целиот град.
„Тоа е насочување на вишокот енергија кон нешто позитивно, креативно или уметнички. Стварно на градот му фали еден објект, каде младите културно би обогатиле и би ги искоренеле од себе сите оние девијантни вредности кои ги носи новото и модерно време. Барем ќе знаеме точно каде излегуваат и каде се собираат.“ – велат постарите охриѓани.
Дали некој од надлежните ќе покрене една ваква „амбициозна“ иницијатива по теркот на Скопје и Штип и ќе им излезе во пресрет на младите охриѓани, ќе покаже времето.
O.T.
фото: Пеце Настевски, „Лабино Продакшн“, Владо Мартиноски