Градот под Самоиловата тврдина, нуди многу уникатни работи по кои е препознатливо нашето поднебје. За многумина, Охрид претставува „Мека“ на различни вредности, нудејќи им на граѓаните и посетителите да вкусат дел од автентичниот „грозд“.
Но како и сите населени места во земјава, така и балканскиот Ерусалим има низа недостатоци. Охриѓани, на различен начин ги согледуваат аномалиите на градот. За повозрасната категорија граѓани, проблем претставуваат инфраструктурата, недостатоците во туризмот, недоволната промоција на занаетчиството и традициите, додека помладите размислуваат како да се развие спортскиот дух.
Дел од пензионерите, сметаат дека неопходно е уредување на западната страна од калето. Тие потенцираат дека треба да се направат модерни патеки низ шумата, како соодветно би се поврзале со „Грашница“.
„На тој потег, проблем претставува и слабото осветлување. На овие патеки, потребно е да се постават клупи, како младите би можеле да се рекреираат во природа, наместо тоа да го прават по ноќните клубови. Од градската плажа, концесионерите треба да ги отстранат железните огради. На тој начин, туристите ќе можат да се движат непречено. Просторот кај игралиштето околу „Грашница“, треба да се исчисти од сметот и веќе еднаш да исчезне грдата слика.“ – вели Стојан Стојаноски, пенизониран просветен работник од Охрид.
Покрај овие забелешки, нашиот сограѓанин ги истакна и предностите со кои Охрид се наоѓа пред другите населени места од земјава. „Секој може да ни подзавиди на прекрасно уредениот градски парк. Работниците и одговорните задолжени за него, треба да бидат пофалени, односно наградени за вложените напори. Среќен сум што веќе не газиме по кал, а дел од ударните дупки ги снема од коловозните ленти. Исто така, значајно е уредување на реката Грашница со што се реши еден децениски проблем.“ – додава Стојаноски.
Други сметаат дека преку развојот на спортот, ќе се поттикнат оние вредности кои кај младите веќе оддамна ги нема. Нашиот сограѓанин Дејан Дишлиевски, смета дека во Охрид неопходно е развивање на спортот, со што на трибините би се вратила старата охридска публика.
„На градот му недостасува фудбал. Жално е што немаме соодветен фудбласки клуб, кој ќе го привлече вниманието на публиката. Клуб кој ќе се бори за титулата во првата Македонска фудбалска лига. Добро е што послените години, градот раѓа млади таленти кои се докажале ширум Европа. Но тие продолжуваат да ги градат кариерите надвор од матичниот град. Тука не постојат услови, како би се трансформирале во врвни спортисти. Бизнисмените, едноставно не се заинтересирани да инвестираат во оваа дејност.“ – истакнува охриѓанецот Дишлиевски.
Охридските занаетчии, како недостаток ја посочуваат неорганизираната стратегија за промоција на градот. Според Мишко Ѓоршески од првата електронска продавница за продажба на традиционални ракотворби, културното наследство е клучно за стабилен туризам преку целата година.
„За жал, брзите промени и индустриското производство ги уништуваат старите традиции и занаети, односно духот на чаршијата. Оттука, произлегува поттикот да се заживее, промовира и шири пазарот со ракотвори во земјава и светот. Во соработка со занаетчиите, преку нашата електронска продавница целиме кон издигнување на занаетчиството на пиедесталот кој го заслужува.“ – вели Мишко Ѓоршески, од првата електронска продавница за продажба на ракотворби, Macedonian Handicrafts.
Од друга страна, младите оческуваат институциите да имаат повеќе слух за нивните проблеми. Охридските скејтери, иако пред неколку години добија скејт парк, посакуваат во идниот период градот да добие ваков објект од затворен тип.
„Преку зима нема каде да одиме. Ни треба континуитет за вежбање преку целата година. За ваквите спортови, потребно е максимално тренирање. Имаме многу нови скејтери, но со тек на време, поради немањето услови тие исчезнуваат. По примерот во Скопје, бараме напуштен простор кој би можеле да го искористиме за свои потреби. Со изградбата, ќе не посетуваат туристи и скејтери вон сезоната. Охрид веќе нема да е толку ладен и депресивен во зимскиот период.“ – велат младите охридските скејтери.
За крај, нашите соговорници потенцираат дека привилегија е да се живее во град како Охрид. Сите потсвесно се надеваат дека надлежните институции, во догледно време ќе ги ислушаат проблемите на граѓаните, а во идниот период ќе придонесат подобро да се живее во Охрид.
O.T.