Во изминатиот период, дел од охридските улици добија огледала со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот, додека оштетените знаци кои беа мета на вандалско однесување на поединци, повторно беа ставени во функција.
Сепак, граѓаните сметаат дека повеќе сообраќајници во Охрид се уште се доста небезбедни за возилата и пешаците. Жителите од улицата „Славеј Планина“, бараат на оваа локација да се постави соодветно сообраќајно огледало, поради непрегледноста на дел од потегот.
„Тука е доста непрегледно и небезбедно, посебно кога се разминуваат две возила. Навистина морате да бидете максимално претпазливи како не би се случила сообраќајна незгода. Сакаме да упатиме барање до надлежните да постават соодветно огледало, како безбедноста на сите учесници во сообраќајот би се зголемила.“ – велат жителите од улицата „Славеј Планина“.
Ваков став имаат и возачите кои секојдневно се движат по улицата „Страшо Пинџур“, наспроти влезот од поранешниот полигон за мали спортови.
„Оваа крстосница е вистински кошмар, бидејќи многу возила не ги почитуваат сообраќајните знаци и само „прошишкуваат“. Воопшто не е прегледно, а потегот е доста прометен со оглед на тоа што е влез за бесплатниот паркинг простор на градскиот полигон.“ – велат возачите.
На овој потег, дополнителен проблем претставува и оштетениот сообраќаен знак кој делумно е обраснат од околните растенија и тешко приметлив за возачите.
„Стоп знакот поставен на едниот крај од оваа улицата воопшто не е видлив за возачите, па многу често дел од учесниците во сообраќајот не го почитуваат истиот. Подобро беше кога едната улица бeше едносмерна и не толку прометна.“ – додаваат возачите.
Со сличен проблем се и оние управувачи на автомобили кои секојднено поминуваат на пресеците на улиците „Билјанини Извори“ и „Дејан Војвода“, односно „Сирма Војвода“.
„Откако знам, сообраќајниот знак стоп воопшто не е видлив и е целосно обраснат од растенијата. Ист е и случајот на онаа опасна раскрсница каде се сечат Сирма и Дејан Војвода. Како охриѓани апелираме до надлежните да преземат соодветни мерки и повторно во функција да ги стават овие сообраќајни знаци.“ – велат жителите од населбата „Бејбунар“.
Сите заедно се надеваат дека надлежните во скоро време ќе ги преземат соодвените мерки за зголемување на прегледноста на горенаведените локации, се со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
О.Т.