И покрај апелот од еколигистите, граѓаните и надлежните институции, во Охрид секојдневно никнуваат нови депонии на општествен или државен имот кои не се уредува од сопствениците, односно на простор кој припаѓа на приватни и физички лица.
За лошите навики на поединци говорат низа слики низ повеќе делови од градот, но и бројните реакции кои охриѓани ги испраќаат до медиумите. Со ваков проблем се соочуваат жителите од станбениот комплекс на улицата „Богомилска“, кои бараат покренување граѓанска иницијатива за уредување на просторот кај поранешниот дописен центар на МТВ.
„Сопствениците на овој простор мора да направат нешто за тој целосно да се уреди. Веќе со години истиот е запуштен и обраснат со растенија и дрва, а отпадоците се неизоставен дел од грдата слика. Бараме комуналната инспекција да излезе на терен и самата да се увери во каква околина живееме во центарот на градот.“ – рагираат жители од станбената зграда на улицата „Богомилска“.
Тие потенцираат дека крајно време е сопствениците на приватните објекти да плаќаат надоместок за оддржување на јавниот простор, бидејќи на Охрид како туристичко место приоритет треба да му биде високата еколошка свест и чистата околина.
„Тука кај поранешниот дописен центар на МТВ е паднато дрво веќе неколку месеци, а до патот се израснати секакви растенија. Ова личи на вистински змијарник, а страшно е што локацијата е буквално во срцето на Охрид. Во летниот период, улицата е прометна бидејќи тука се сместуваат голем број туристи кои ја гледаат нашата негрижа кон градот и природата.“ – додаваат станари од улицата „Богомилска“.
Сличен проблем имаат и жителите од улицата „Дејан Војвода“ и „Билјанини Извори“ кои велат дека просторот во близина на подрачната ЈОУГД „Јасна Ристеска“, сопственост на приватни лица, целосно е запуштен и преполн со шут.
„Мора некој нешто да преземе за да исчезне оваа вообичаена слика која е присутна сигурно со децении. Ептен е несредено, преполно со секакви грмушки, а тука ни играат децата. Доаѓаат несовесни граѓани, различни багери кои го растовараат шутото на овој простор без некого да прашаат. Зарем не постои Закон со кој може да се спречи едно ново нагрдување во овој дел од градот.“ – велат револтирани граѓани.
Иако охридското јавно претпријатие „Комуналец“ не е обврзано да ги уредува јавните површини кои се во приватна сопственост, сепак во изминатиов период на сопствен трошок екипите на ЈП „Комуналец“ по реакциите на граѓаните реагираа соодветно на неколку локации во централното градско подрчаје како што е просторот во близина на студентскиот дом „Никола Карев“ и долж улицата „Македонски Просветители.“
Како што неодамна истакна в.д. директорката на претпријатието, Елена Скрческа, новата цена од 50 денари за метар кубен отпад за подигање градежен шут, има за цел да ја подигне свеста на охриѓани да не го расфрлаат отпадот во околината, како што тоа постојано се прави.
„Нека цената биде симболична со цел граѓаните да стекнат навика соодветно да се депонира градежниот шут, односно да ги повикаат службите задолжени за негово подигање и транспортирање во одредените депонии. Наместо градот да се нагрдува со отпад, убаво би било кога сите би се погрижиле за разубавување на дворовите и околината со садници . Претпријатието располага со богата понуда која на овој начин се надеваме ќе биде подостапна за граѓаните.“ – вели Скрческа.
Дали надлежната инспекција ќе излезе на терен и ќе ги санкционира одговорните за негрижа и уништување на јавни површини и зеленило, ќе покаже времето. До тогаш, охриѓани преку граѓански иницијативи ќе се обидат да го решат проблемот и да ја подигнат еколошката свест кај своите сограѓани.
О.Т.