Општинскиот Црвен крст во соработка со локалната самоуправа и Советот на млади, од утре ја почнуваат кампањата за одбележување на Светскиот ден и неделата за борба против гладта.
На пунктови поставени во маркетите Тинекс и Рамстор кај градскиот плоштад, и маркетите Дон и Тинекс кај фабриката Лихнида, хуманите граѓани ќе може да донираат купени производи, или пак да купат вредносни бонови од 20 денари и на тој начин да се вклучат во акцијата.
– Целта е да се соберат средства и прехранбени производи со кои потоа ќе бидат подготвени хуманитарни пакети наменети за социјално загрозените семејства во Охрид. Содржината од пакетите според проценките ќе биде доволна за четиричлено семејство во текот на еден месец. Минатата година со акцијата беа собрани средства за подготовка на 85 хуманитарни пакети се надеваме дека оваа година оваа бројка ќе биде надмината и ќе бидат подготвени пакети за најмалку 100 семејства од вкупно 500 евидентирани социјално загрозени семејства во Охрид, вели престедателот на општинскиот Црвен крст, Сашо Точков. Точков изрази голема благодарност до маркетите и претпријатиијата вклучени во акцијата, меѓу кои се и две фирми од Битола- Жито Битола и Мигрос кои ќе донираат поголема количина брашно.
Претседателот на Советот на млади, Горан Шибакоски потенцира дека членовите на советот ќе бидат дел и од хуманитарната претстава која ќе се прикаже на 17 октомври во Центарот за култура,а нивни претставници ќе бидат присутни и на ракометниот натпревар кој ќе се одржи во спортската сала Билјанини извори, каде ќе собираат добротворни прилози од присутните.
– Наша цел е да ја поттикнеме свеста на младите за солидарноста и хуманоста со тоа што ќе се вклучат во вакви акции преку кои ќе им помогнат на граѓаните на кои помошта им е неопходна, реше Шибакоски.
Подготвените хуманитарни пакети до семејствата ќе бидат дистрибуирани во текот на првата недела од месец ноември, воочи празникот 7- ми ноември.
Т.К.














