Раздвижено на избирачките места и улиците во Охрид. Дел од граѓаните своето право на глас го остварија во утринските часови, останатите имаат можност тоа да го направат до 19 часот кога се затвораат сите гласачки места.
Охриѓани со различни очекувања од идниот градоначалник, но сите едногласни дека очекуват животот во Охрид да се подобри.
– Очекувам подбар живот за охриѓани, младите да останат тука во градот, да им се обезбедат вработувања по завршувањето на образованието, да има мир и градот да оди напред.
– Јас како жител на стариот дел од градот очекувам конечно да се изврши промена на Деталниот урбанистички план за овој дел од Охрид, чија последна промена беше извршена во 1994 година. Ние како Варошани имаме голем број проблеми токму поврзани со урбанистичкиот план и се надевам дека ингеренциите на министерството за транспорт и врски за УЗ 1 ќе се префрлат во општината, па така полесно ќе ги остваруваме своите барања и потреби. На идниот градоначалник да му помогнеме со свои сугестии. Ако има контакти и почести средби со граѓаните сметам дека секој проблем може лесно да се реши.
– Се надевам ќе има некакви измени, ќе биде подобро, се зависи од кандидатите. Ние ќе го дадеме својот глас, што ќе биде останува да видиме, велат граѓаните.
Претседателите на избирачките одбори задоволни од текот на гласањето. Засега тече во најдобар ред.
– Гласачкото место беше отворено на време. Досега нема никакви проблеми, излезноста е иста како и во претходните извборни циклуси, материјалите ги добивме на време. Мали потешкотии се забележани при кинењето на гласачките ливчиња, но тоа внимателно се прави и не го попречува текот на гласање, вели претседателката на избирачкиот одбор на ИМ 1251, Ива Кичеец.
– Гласањето почна во 7 часот, се одвива непречено, изјави Весна Лекоска на ИО на ИМ 1252, во средното економско училиште, каде избирачкиот список брои 864 гласачи.
Во општина Охрид право на глас имаат вкупно 52.858 граѓани, кои гласаат на 89 избирачки места. Заклучно 13 часот гласале 14.735 граѓани, односно 25.03% од вкупно запишаните.
OhridNews


























