На повикот објавен на социјалните мрежи за поддршка и помош на Студентскиот пленум, кој деновиве окупираше повеќе факултети во Скопје и ги прогласи за автономни зони, се одзва и Охрид. Група граѓани денеска постави пункт за собирање помош кај Факултетот за туризам и угостителство, каде се донираа парични средства и намирници.

-Ова е спонтана граѓанска иницијатива за поддршка на студентите од студентскиот пленум за слобода и автономија на универзитетите и промена на законот за високо образование. Се надеваме дека ќе помогнеме. Секој колку што може да донира за да се помогнат студентите да истраат во својата борба ден повеќе. Се надеваме дека ова ќе биде пример кој ќе го следат и другите градови. На студентите ќе им порачам дека доколку оваа борба биде подолготрајна ние сме подготвени повторно да се собереме и повторно да донираме- изјави Мартин Додески од иницијативниот одбор за поддршка на студентскиот пленум во Охрид.

Организаторите не беа задоволни од одзивот на охриѓани, па пунктот  беше преместен на градскиот кеј каде фрекфенцијата на луѓе е поголема.

Најискрено се надевав на многу поголем одзив, можеби е послаб затоа што ова е прва акција. Исто така се надевам дека ќе собереме доволно средства за помош на студентите.-додаде Додески.

0рганизаторите не ја исклучија можноста во наредниот период, доколку има потреба, да реализираат уште акции за поддршка на студентите. Тие информираа дека со собраните средства ќе бидат купени најнеопходни намирници кои им се потребни на студентите од Студенсткиот пленум

OhridNews