„Сите за слободни избори во Охрид“ беше насловена Јавната дебата која во организација на Центарот за слобода-ЦИВИЛ, денеска се одржа во Охрид.
На трибината присуствуваа претставници на охридската локална самоуправа, претставници на Советот на општина Охрид, политички партии, локални невладини организации како и заинтересирани граѓани на Охрид.
-Ова е прилика во рамки на нашиот проект „Сите за слободни избори“ да проговориме повеќе за тоа какви услови ни треба за да дојдеме до ситуација за да кажаме дека имаме слободни избори. Ќе размениме мислење за тоа како можеме како граѓани, организации и локални политичари да придонесеме за подобрување на демократските процеси воопшто и во контекст на изборниот процес кој ни претстои, вели Џабир Дерала, претседател на Цивил-Центар за слобода.
Врз основа на проценките на неговата организација која долги години наназад ги следи изборните процеси во Македонија, Дерала вели дека не би можеле да се спроведат квалитетни избори на 24-ти април.
-Цивил во сериозна комуникација и консултација со широка експертска група, која вклучува и меѓународни експерти со кои често соработуваме, дојдовме до заклучок дека навистина нема многу време до 24-ти април. Технички и стручно гледано, не веруваме дека има услови тие да се спроведат квалитетно. Без разлика дали некоја политичка партија е „за“ или „против“ тој датум, ние како организација сметаме дека можеме да го дадеме својот релевантен став врз основа на долгогодишното искуство и вклученост во оваа проблематика, рече Дерала.
Тој се надева дека Државната изборна комисија и другите надлежни институции, соодветно ќе си ја извршат својата надлежност и дека ќе ја добијат потребната доверба од јавноста, за споведување на Слободни и демократски избори.
Јавната трибина „Сите за слободни избори“ се реализира во рамки на проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“, кој Цивил го спроведува со финансиска помош од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Е.М