Охридските кошаркари неочекувано лесно го положија оружјето во Гевгелија претрпувајќи убедлив пораз од Кожув (80-65) во 15-та рунда од Првата кошаркарска лига во Македонија.

„Галебите“ во спортската сала „26 април“ во Гевгелија го потрошија единствениот џокер за слаб меч и пораз со екипите со послаб пласман на табелата. И покрај поразот охриѓани останаа на шестата позиција на табелата која води во разигрувањето за титулата, но без право на грешка во мечевите кои следуваат.

Пулените на Петар Чочороски викендов кој доаѓа на домашен терен ќе го пречекаат Пелистер, а потоа патуваат во Скопје на мегдан против Шкупи, мечеви кои мора да ги добијат за продолжување на амбициите за пласман во плејофот.

Потоа, охридските кошаркари имаат четири исклучително тешки мечеви со Блокотехна, Гостивар, Работнички и МЗТ Скопје во кои (ќе) мора да брка победа за дуелот со Карпош Соколи да го искористат за заверување на пласманот помеѓу кошаркарската елита.

Ривали на АВ Охрид во борбата за местата на табелата кои водат во плејофот се Фени Индустри и Кожув. Кавадарчани имаат нешто потежок распоред, додека гевгеличани во преостанатите шест натпревари ќе се сретнат со Куманово и МЗТ Скопје од ТОП 5 екипите на табелата.

OhridNews