Охрид и спортската арена “Билјанини Извори“ се подготвени и посакуваат да ги пречекаат земјите учеснички на  континеталниот собир за кошаркарки до 20 години во Б дивизија кој наредната година од 7 до 17 јули треба да се игра во Македонија.


Раководството на МКФ се уште нема донесено одлука каде ќе се одржи ЕП “Б“ дивизија за кошаркарки под 20 години, иако на официјалната веб страна на ФИБА стои дека домаќин на натпреварувањето е Охрид. 


– Стапивме во контакт и по првичните информации тие (МКФ) се уште немаат одлучено каде ќе се игра и какви стандарди треба да се исполнат. Ние би сакале да  бидеме домаќини и мечевите да се играат во Охрид. Потребно е да седнеме на заедничка маса и да ги разгледаме деталите. Тие што нудат, што бараат, ќе ставиме се’ на вага и ќе донесеме одлука – вели директорот на ЈП Билјанини Извори, Гордана Јованоска.


Јованоска потенцираше дека спортската арена е во одлична состојба и во секој момент може репрезентациите да допатуваат и натпреварите да започнат да се играат.

Македонија трета година по ред ја добива организацијата на Европското Првенство во  Б Дивизија до 20 години. Охрид пред две години беше домаќин на собирот на младите кошаркарки на кој триумфираше Холандија, додека летоска во Кавадарци победи селекцијата на Словачка.

М.Постоловски