По повод 21-ви јули Меѓународниот ден на Националните паркови, НП „Галичица“ и Секторот за урбанизам и заштита на животната средина при општина Охрид, синоќа на плоштадот „Св. Климент Охридски“, организираа еко хепенинг. 
Во рамки на хепенингот на посебно уреден штанд беше промовиран системот на патеки во Националниот парк  „Галичица“, а посетителите имаа можност преку флаери и во разговор со вработелите од паркот да се запознаат со потенцијалите на планинската убавица Галичица, што се може да се види и како да се стигне до познатите локалитети.
-Националниот парк Галичица монатата година го заврши проектот за изградба на систем ва велосипедски и пешачки патеки со различни тежини и можности за рекреација и спортски натпревари. Вкупната должина на патеките изнесува 350 километри и распоредени се во најатрактивните места на паркот, изјави Огнен Достиноски раководител на секторот за одржлив туризам и еколошка едукација во НП Галичица.
Со цел правилно презентирање на природното богатство на Националниот парк Галичица, установата деновиве реалзираше проект за обука на туристички водичи за водење на планина, што, според одговорните, ќе придонесе организираните групи посетители да добиваат точни и корисни информации за паркот.
-Има случаи на погрешно информирање на посетителите и токму за да се елиминира таквата зачестена појава го реалзираме овој проект, додава Достиноски.
Одбележувањето на Денот на националните паркови е дел од проектот за одбележување на значајните денови од екологијата кои се реализираат во склоп на годишната програма за заштита на животната средина и природата.
Г.М.