По повод 7- ми ноември Денот на ослободувањето на Охрид, денес, во општинската сала се одржа традиционалниот Историски час на кој присуствуваа бројни гости кои со едноминутно молчење им оддадоа почит на загинатите кои своите животи ги дале за слободата.
Пред присутните се обрати потпретседателот на Општинската организација на Сојузот на борците од Охрид и Дебрца, Никола Стефаноски кој истакна дека дека 7 Ноември значи потсетување и предупредување на сегашните и идните генерации дека треба да се чуваат, негуваат и бранат придобивките од НОБ и севкупните борбени традиции на Македонскиот народ и на припадниците на етничките заедници.
– На олтарот на слободата на нашиот град останаа на вечна стража 40-тина храбри борци. Повеќе од шеесеттина борци беа ранети. Кон нивното дело, сите ние, треба да се однесуваме со почит и респект. Тие рано се преселија во алеата на заслужените за нашата слобода. Сеќавањето за нив е наша слава и наша сила, рече Стефаноски.
Програмата по повод празникот беше збогатена со настапот на културно уметничкото друштво при Здружението на пензионери од Охрид и децата од „Распеано рибарче“.
Денешните активности по повод 7- ми ноември, започнаа со полагање свежо цвеќе во Спомен паркот на револуцијата, пред спомен бистите на борците Мите Богоески, пред Економското училиште, Петре Пирузе-Мајски, пред Општинскиот суд, Спомениците на Андон Дуков и Спас Банџов во градскиот парк, споменикот на Јасна Ристеска во село Рамне и Споменикот на паднатите борци на градските гробишта Охрид.
OhridNews