Жителите на селата и приградските населби на Охрид, кои поради секојдневни обврски и потреби мораат да доаѓаат во центарот на градот, наскоро ќе добијат посоодветни услови за чекање на приградскиот превоз, бидејќи охридската локална самоуправа ќе постави нови автобуски постојки.

Според најавите, нови автобуски постојки ќе бидат поставени на 5 локации на булевар „Туристичка“, кои што се редовни попатни станици на локалните превозници.

-Фирмата на која и е доделен договорот за јавната набавка за поставување на постојките веќе ги изврши подготвителните активности на соодветните локации, а во текот на наредниот период се очекува да започне поставувањето на новите автобуски постојки. Тие ќе бидат со современ и модерен изглед, кој вклучува покривна конструкција, клупа за седење и пропратна урбана опрема, велат од Секторот за комунални дејности сообраќај и улици при општина Охрид.

Оттаму објаснуваат дека за оваа намена од општинскиот буџет ќе бидат издвоени околу 16.000 евра или точно 1.040.000 денари.

Инаку неколку години наназад, поголемиот дел од автобуските постојки кои се лоцирани на главните сообраќајници во Охрид се во многу лоша состојба, а има и такви на кои не се поставени ни клупи, ниту пак корпи за отпадоци. Покрај тоа што старите постојки не се функционални за патниците, тие се и многу лоша слика и за туристите кои во текот на летниот период се превезуваат до плажите.

OhridNews