Под мотото “Растеме заедно”, утре  ќе се одржи  петтата масовна акција Ден на дрвото. Според најавите на организаторите, во традиционалната акција за пошумување, се планира да се засадат вкупно  7,5 милиони садници.

Според најавите,  во Охрид ќе се пошумува кај  Лакочереј и на месноста „Краста Белчишта“. За таа цел од страна на организаторите на акцијата, ќе бидат ангажирани  12 автобуси, за бесплатен превоз на граѓаните, до локациите на пошумување, кои започнувајќи од 9 часот наутро,  ќе ротираат на секој два часа. Почетна и завршна станица на автобусите се ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, ОУТУ „Ванчо Питошески“   и Општинската гимназија „Св.Климент Охридски“.


 Со одлука на Владата на Република Македонија, Денот на дрвото, 30 март , поради организираните акции  за пошумување, е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија. Министертвото за труд и социјална политика соопштува дека овој ден ќе се одработи на 17 април, сабота.

Во рамки на последната акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“  која се одржа на 13 ноември 2009 година, охриѓани засадија околу 100.000 садници јасен на површина од околу  50 хектари. Тогаш се пошумуваше на просторот на „Мазатар“, на месноста „Мауцкер“, на падините во правец на „Буково“ и во реонот на Белчишта кај месноста „Долна краста“.

OhridNews