Охридскиот карате клуб „Чоле“ имаше три свои преставници во македонската репрезентација која учествуваше на Балканското првенство во Турција за каратисти од 10 до 13 години.
Трите охридски преставници Мартина Петреска, Симон Петрески и Горан Вранишкоски завршија меѓу десетте најдобри, односно учествуваа во завршните натпревари од шампионатот.
Мартина Петреска во категоријата кати до десет се пласираше на петтата позиција и покрај двете почетни победи. Петтото место го зазеде и Симон Петрески, кој во категоријата до 40 килограми го совлада фаворитот за златен медал. Добриот викенд за охридските каратисти го заокружи Горан Вранишкоски кој во категоријата до 13 години и 50 килограми пружи одлични партии и го освои седмото место.
За тројцата млади охриѓани ова беше прво меѓународно искуство, а нивниот тренер Дејан Чолески е задоволен од постигнатиот успех кој е добра најава за во иднина.
OhridNews