Крајот од месец август  и почетокот на септември, е периодот кога охриѓани најчесто  одлучуваат да одат на летен одмор.    
Искуството покажува дека за нашите граѓани најбитна е цената, затоа се летува  пред или по туристичката сезона кога седумдневни аранжмани – полу пансион, по човек не се поскапи од 55  односно 100 евра. Како минатите така и оваа година охриѓани се одлучуваат да летуваат претежно во Грција.
  
– Најбројни се охриѓани кои летуваат во Лептокарија и Неапори а не помал е бројот на оние кои се одмараат  на краците. За охриѓани се привлечни   промотивните пакети од 55 евра по личност . Тие со цени од  200 евра  најчесто   се  барани од двојки или брачни  парови со мали деца а вклучуваат седумдневен аранжман и автобуски превоз, вели туристичкиот работник Елида Битрак, сопственик на Т.А. „Елида турс“.   
Годинава охриѓани покрај за Грција  се одлучувале и за Турција   
  
-Седумдневен аранжман за Кушадаси со вклучен автобуски превоз и појадок  чини 120 евра по човек, понудата е навистина прифатлива – додава Битрак.
Најoмилена дестинација на Македонците, кои годинава планираат да одат на летен одмор им е Охрид.
-Доаѓаме во Охрид, затоа што ни се допаѓа климата. За релативно кратко време  се стигнува до кај вас. Ја сакаме езерската вода, вашите плажи, чаршијата– вели еден скопјанец кој повеќе од една деценија редовно летува во Охрид.
 
Не помал е бројот на Македонците кои летуваат во Грција, Турција, Шпанија, Црна Гора, Хрватска, но и на Карибите, Бахами, Куба, Малдиви.
Во однос на минатите години, годинава намален е бројот на странски гости кои во градов доаѓаат преку охридските туристички агенции. Од странците најмногу ќар имаат агенциите од другите градови, пред се од Скопје преку кои доаѓаат најголемиот дел од странските туристи во Охрид. 
Фактите велат  дека 73 %  од македонските граѓани отишле или ќе одат на одмор. Околу една третина од граѓаните, односно 35 проценти  го поминале одморот во некое туристичко место во Македонија, при што како летна дестинација најчесто е споменуван Охрид.
Најголем процент од оние кои отишле или ќе  да одат на одмор се младите од 18 до 24 година и оние меѓу 25 и 34 години. 
Мнозинството охриѓани скромно летуваат на море
Една просечна плата му е доволна на  еден охриѓанец за да истера најскромен одмор на море. Грубите пресметки   покажуваат дека просечен граѓанин троши од 200 до 300 евра за комплетно десетдневно летување со сите вклучени трошоци, односно сместување, превоз и храна. Во сумата не влегува луксузирање, јадење по ресторани, изнајмување лежалки на плажа, како ни посета на туристички знаменитости. 
Трошоците варираат во зависност од тоа дали се работи за одмор во претсезона или во шпицот на одморите кога цените се повисоки, како и од навиките на летувачите. Оваа сума најчесто е карактеристична за одмор во Грција, Бугарија или во Албанија. И покрај пресметките, прецизна бројка за тоа колку нашите граѓани трошат за летување не може да се даде, со оглед на тоа дека во земјава не е направено официјално истражување на оваа тема. 
Истражувањата велат дека за  разлика од нас, просечниот Србин на одмор троши од 150 до 400 евра. 
                                                                                                            Ангела Белевска