Откако аферата со присуство на канцерогена состојка во млекото го потресе балканот, алармот го вклучија и надлежните институции во земјава. По информациите на Агенцијата за храна и ветеринарство за зголемено присуство на афлатоксинот М1 над дозволената граница во некои увозни млека, граѓаните се поретко се одлучуваат да купат млечен производ.

Иако денеска Министерот за земјоделство Љупчо Димоски потврди дека во македонското млеко нема присуство на алфотоксинот над дозволеното, малопродажните места и маркети се жалат дека млекото речиси воопшто не се купува.

Овие денови, продажбата на млекото е тотално намалена. Странските воопшто не се купуваат, почнувајќи од српските, хрватските, босанските па се до словенските увозни продукти. За домашните млека,  постои мал интерес, но граѓаните ретко се одлучуваат да ги купат. Нормално е дека постои паника, предизвикана од информациите за зголеменото присуство на алфотоксинот во производите.“ – велат сопствениците на еден малопродажен маркет од Охрид.

Граѓаните со заеднички став, дека ќе почекаат на подетални информации од Агенцијата за храна и ветеринарство, па потоа ќе одлучат какво млеко ќе конзумираат.

Се работи за здравјето на човекот. Како четиричлено семејство со помали деца, купувавме увозни млека со додаток на витамини. Откако во јавноста проструи информација за токсичната супстанца во млечните производи, веднаш прекинавме со купување. Веќе немаме доверба на оние „поквалитетни“ увозни млека.“ – вели една наша сограѓанка, чие семејство дневно користи околу литар и половина млеко.

По аферата со алфотоксинот, се повеќе се загиржени и мајките, чии бебина во помали количини го пијат млекото.

Користевме увозно млеко, како додаток во исхраната на нашето бебе. Но после овие информации, дефинитивно се одлучивме само за адаптирано млеко кое е препорачливо за најмладите. Можеби е драстично поскапо, но барем за сега е далеку побезбедно.“ -истакнува една млада мајка.

Од македонскиот пазар, засега се повлечени производите на хрватските компании „Дукат“ и „Виндија“,  во чии продукти се констатирани повисоки концетрати на афлатоксионот М1.

Станува збор за производот “Млеко Дукат УХТ 2,8%ММ +7 витамини 1Л“, со рок на траење до 19.04.2013 година. Целата количина од овој производ (околу 2.000 литри), се наоѓа во магацинот на увозникот, односно воопшто не е пуштен во промет и истиот согласно законската процедура ќе биде уништен. Останатите производи од наведената пратка (вкупно 35) се исправни и истите ќе бидат пуштени слободно во промет.“ – информираа од Агенцијата за храна и ветеринарство.

По добивањето официјално известување од Управата за ветеринарство на Република Србија за повлекување од продавниците на повеќе видови млеко од различни производители, инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство започнаа со контролите на терен.

Утврдено е дека од сите наведени видови на млеко, во Република Македонија е увезена одредена количина од производот “МОЈА КРАВИЦА 2,8%ММ“, со рок на траење до 14.07.2013.4ЕН 10, од производителот ИМЛЕК Белград. Целокупната увезена количина се наоѓа во магацините на увозникот, што значи дека спорниот производ не е пуштен во промет. “ – соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

Денеска, Министерот за земјоделство Љупчо Димоски потврди дека во македонското млеко нема присуство на афлатоксин над дозволеното ниво, а се контролира и сточната храна во земјава.

Како што пренесува „Макфакс“, се вршат редовни контроли, а интезивирани се и контролите што ги  спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство.

Освен увезеното млеко, редовно се контролира и внесената сточна храна во  земјава, особено од соседните држави. Се врши контрола на секој увоз на  земјоделско-прехранбените производи воопшто за да се заштита здравјето на домашните потрошувачи.“ – изјави министерот Љупчо Димовски.

Српска Влада, пак, на седница одржана денеска оцени дека  млекото и производите од млеко, коишто се продаваат во Србија во потполност се исправни и немаат штетни последици по здравјето на граѓаните.

Ќе се отвори истрага поради сомневањата дека со неточни информации се создаваат услови за увоз на сточна храна од генетски модифицирани организми.

„Надлежните служби ќе отворат истрага поради сомнение дека со неточни информации за наводно неисправно млеко се уништува српската агроиндустрија и пазарите и се прави обид да се создадат услови во Србија да се увезува сточна храна од генетски модифицирани организми“ соопшти српската Влада, пренесува „Макфакс“.

Надлежните инспекции и службите го повлекоа од продажба млекото за кое постои било каков сомнеж во поглед на квалитетот и примероците ги испратиле на експертиза во кредибилни меѓународни лаборатории.

Детално се обавуваат вонредни анализи за суровото млеко и млечните производи, како и сточната храна, а воведени се и зајакнати контроли на увозното млеко, пишува во соопштението.

Од српскиот пазар беа повлечени повеќе видови на млеко од различни производители кај кои била утврдена зголемена количина на афлатоскин.

По избивањето на аферата серија мерки беа преземени и во Хрватска каде тамошните млекопроизводители најавија засилена контрола на квалитетот на суровото млеко.

О.Т.