Во Охрид пред извесен период беа засадени околу двесте влакнести палми, кои се дел проектот на државата и Македонски шуми со кој беа опфатени повеќе градови во земјава. Овој проект предизвика силни реакции во јавноста, особено во Охрид, кој никогаш не бил препознатлив по дрвјата кои се белег на приморските градови. Дотолку повеќе што палмите се засадени на самото крајбрежје, што комплетно ја менува некогаш познатата визура на градот. Палми „никнаа“ в долж пешачката патека до Горица, но и пред угостителски објекти и хотели. Нив им претстои првата зима, која веројатно ќе биде тест за нивната издржливост.
OhridNews изминатиот период спроведе анкета која го испитува пулсот на охриѓани за засадувањето на палмите. Истата во еден период претрпе и одредени неуспешни сајбер напади. Проблемите беа надминати, гласањето беше продолжено, а читателите го искажаа своето мислење. Мнозинството од нив не се убедени дека засадувањето на палмите ќе го разубават Охрид.
Надлежните во Македонски шуми, пак, се убедени дека палмите добро ќе му „стојат“ на Охрид. Иако уште пред да почнат да се засадуваат, граѓаните изразуваа резерва кон овој проект, Охрид доби 200 палми.
– Зошто Охрид да не биде препознатлив по палмите. Водно некогаш беше само камен предел, немаше дрва а сега е познат по богатата шума каде веќе има и жичара. Нашите стручни служби извршија анализи и беше донесен заклучок дека во Охрид треба да се засади овој вид, влакнеста палма која издржува и на температури и до минус десет степени, изјави минатата година во ноември директорот на Македонски шуми, Жарко Караџоски, најавувајќи го проектот за засадување палми во Охрид.
Охриѓани и тогаш и сега отворено ја критикуваа иницијативата за засадување палми.
– Охрид од секогаш беше препознатлив по розите и липите, некако со палмиве како да сакаме да личи на друг град што е на море. Според мене палми во Охрид не треба да се садат, да има што повеќе зеленило, да не се сечат дрва и да не се уништуваат, но палми некако е чудно. коментираа охриѓани.
Реализацијата на проектот за садење на палми започна во ноември 2013. Во Охрид, Струга, Преспа, Дојран, Гевгелија, Прилеп, Велес, Скопје…. беа засадени 1100 четириметарски влакнести палми, како и помал број осумметарски палми со потекло од Кина, за што беа издвоени речиси половина милион евра.
OhridNews
Следно анкетно прашање: КАКО ВИ СЕ ДОПАЃА НОВОТО УЛИЧНО ОСВЕТЛУВАЊЕ ВО ОХРИД?