Традицијата говори дека охриѓани во последните денови пред новогодишните празници, одлучуваат каде ќе ја прослават „најлудата“ ноќ. Дел од нив размислуваат да останат во своите домови, а други се уште се двоумат дали да издвојат дел од сктомниот семеен буџет за да отпатуваат на некое поатрактивно место.

Повозрасната популација од економски причини не е многу заинтересирана за понудените новогодишни аранжмани на туристичките агенции. „Немаштијата е, така што не можеме да си дозволиме зимски одмор надвор од земјава. Немаме средства ниту да ги видиме убавините на нашите планини. Најдалеку би оделе до селото Вишни, да се порадуваме ако има снег. Па така и ќе си прославиме Нова Година со пријатели, во некоја од нивните куќи или викендички“ – вели наш повозрасен сограѓанин.

Помладите со ентузијазам ги штедат спечалените пари и планираат да ги потрошат на некое поатрактивно место во соседството. Има и такви, кои се задоволни со понудите во државава. „Преку цела година крпиме по некој денар, па ќе заминеме со друштво до Банско или Боровец. Некои имаат и финансиска поддршка од родителите за да платат некој поскап аранжман. Ако се нема, тогаш остануваме тука. Има места за забава и во земјава, каде би можеле да си поминеме лудо и незаборавно.“ – велат дел од студентите со кои разговаравме.


ски центрите од соседството прималиви за охриѓани

Туристичките агенции од Охрид, информираат дека моменталната заинтересираност за некој од аранжманите е доста мала. Како причини се наведуваат менталитетот на граѓаните, но и економската состојба. „Иако до крајот на ноември имаме одредени попусти за некои аранжмани, за сега нема некоја еуфорична заинтересираност. Она што досега го знаеме е дека има интерес за зимските ски центри во соседството. Аранжманите се нудат по прилично евтини цени, со автобуски, авионски или сопствен превоз. Исто така, нудиме крстарење со брод по „Средоземјето“ и Канарските Острови, а интересни и евтини се и понудите на релација Прага – Дрезден – Братислава“ – велат од Туристичката Агенција „Елида Турс“.


Истанбул како една од поатрактивните дестинации

Од агенцијата „Вис Пој“, нагласуваат дека најатрактивни се поаѓањата од Охрид за поблиските дестинации. „Најинтересна е понудата за Истанбул со автобуски или авионски превоз. Милано, Дубаи и Куба се прилично поскапи аранжмани, па за нив интересот е помал. Актуелни се спа центрите во Сандански, како и понудите за ски центрите во Бугарија и Србија. Имаме поголем број понуди за Милано, Франција, Словенија, кои се примамливи за граѓаните“ – информираат од Т.А „Вис Пој“.

И хотелите од охридскиот регион имаат оформено пакет аранжмани кои се испратени до партнерите во странство. Најавени се предрезервации од соседните земји, но има и индивидуални патувања од Европската Унија. Цените се движат од 117 евра за дводневни аранжмани, па нагоре.

О.Т.