
Дел од одговорноста за тоа какви ќе бидат изборите сносат и граѓаните на Охрид, кои на 22 март покрај за претседател на државата ќе гласаат за градоначалник и членови на Советот. Дванаесет политички партии и 7 групи избирачи го покажаа интересот за освојување на градската власт. Но, остварувањето на таа цел не носи само поволности, туку и одговорност. Изборите во Охрид мора да бидат фер, мирни и демократски. Градот на културата, конечно мора да покаже и политичка култура која нема да го наруши имиџот на најголемиот туристички центар.
Охриѓани се оптимисти дека постои политичка зрелост и кај гласачкото тело и кај политичарите и дека претстојните локални избори ќе минат во мирна атмосфера. Тоа го потврдуваат и резултатите од анкетата на нашиот интернет портал. На прашањето: „Сметате ли дека претстојните избори во Охрид ќе минат во мирна атмосфера?“, 427 читатели или 46% одговориле потврдно. Спротивното го мислат 184 читатели или 20%. Вкупно 124 читатели или 13% сметаат дека тоа ќе зависи од граѓаните, а 10% или 91 читател одговориле дека тоа зависи од политичките партии. Сто читатели или 10% од анкетираните сметаат дека лоши избори негативно ќе влијаат на имиџот на Охрид.












