Во текот на минатата година на подрачјето на Охрид биле направени вкупно 124 советувања за заштита на потрошувачките права. Од охридското Советодавно биро на Организацијата на потрошувачи не информираат дека охриѓани најчесто се жалеле на неквалитетни технички производи, за нивната гаранцијата и сервисирањето.

-Во овој домен потрошувачите се жалеа за мобилните телефони, лап-топ, таблет и декстоп компјутерите. Понатаму во советодавното биро пристигнуваа жалби на потрошувачите и за производите од бела техника како што се фрижидери, шпорети, рерни и мали кујнски апарати, како и за телевизори, грејни тела и слично, вели Вангел Спироски од Организацијата на потрошувачи од Охрид.

Тој објаснува дека потрошувачите ретко се запознаени со свите права во делот на гарантните рокови.

-Додека трае гаранцијата апаратите може да се сервисираат до 3 пати. Исто така граѓаните треба да знаат дека технички апарат е на сервис во гарантен рок, од страна на трговецот мора да добијат ист таков апарат на замена. На пример доколку однесат смарт телефон на сервис, потрошувачите не треба да прифаќаат било каков телефон, кој им се нуди како замена, туку треба да побараат телефон со карактеристики, како тој што го оставаат на сервис, потенцира Спиркоски.

Освен за техничките апарати, охриѓани во 2014 година се жалеле и на дел од производите за лична употреба како што се чевли и неквалитетна облека. Во делот на прехрамбените производи најчесто имало поплаки за квалитетот на храната, за рокот на траење, за декларациите на производите и слично.

Исто така дел од жалбите кои биле поднесени до организацијата на потрошувачи во Охрид се однесувале и на телекомуникациските услуги односно за сметките од мобилните оператори. Овој проблем особено бил застапен во летниот период кога имало додатни трошоци за роаминг во странство, како и за остварен интернет сообраќај во и вон земјата, но и во делот на наградните игри кои ги организаирале операторите. Во текот на летниот период, минатата година биле евидентирани и поплаки во врска со квалитетот на аранжманите кои ги нуделе туристичките аганции.

Е.М