Демотивирани од паричните казни кои ги доби клубот од страна на РФМ, охридскиот ракометн клуб се откажа од идејата за организирање на натпревари од четвртфиналната група од Купот на Македонија.


– Разочарани сме од ваквиот однос, РФМ на име казни ни ги одзеде поголемиот дел од средствата кои беа планирани за организирање на натпреварите од Купот на Македонија, РК Охрид 2011 се повлекува и нема да учествува во наддавањето за организатор на групата – велат до клубот.

На ждрепката која се одржа во просториите на  РФМ, за која РК Охрид 2011 не беше информиран,  ниту беа повикани негови претставници, клубот се најде во група со РК Тинекс Пролет, РК Драчево и РК Младост 09 од Богданци.


РК Охрид 2011 ќе игра со РК Младост 09, а РК Тинекс Пролет ќе игра со РК Драчево, победниците од овие два натпревари се четвртфиналисти, а победникот од нивниот дуел влегува во полуфиналето од Купот на Македонија

Од клубот исто така се разочарани од РФМ за начинот на кој се закажуваат и откажуваат мечевите од домашното првенство.


– Ја критикуваме лошата организација на РФМ во однос на одложувањето на првенственото коло и закажување на куп натпреварите само три-четири  дена пред тие да се оддржат. Да потсетиме дека за „лоша“ организација на натпревари РК Охрид 2011 беше казнуван два пати, па се прашуваме, што ли ќе прави сега РФМ сама со себе за лошо организираниот систем на натпревари? -велат охриѓани.

Клубот преку соопштение им се извини на своите партенери за несериозноста која, како што се наведува, е предизвикана не по сопствена вина, туку поради хаотичното делување на водечките луѓе на ракометната федерација.

Ohridnews