Фудбалерите на Охрид пропуштија голема шанса со победа да го започнат вториот дел од првенството во Првата лига. Во дерби средбата против Ренова „белите“ на полувреме на С.Р.Ц. „Атина Бојаџи“ имаа водство од 2:0, но екс шампионот во продолжението стигна до израмнување, а малку фалеше од Охрид да си замине и со цел плен.



Охриѓани во водство ги донесе Пројков во 12 минута, а четири минути подоцна домаќините зголемија на 2:0 преку Димоски. Во тие моменти на теренoт постоеше само една екипа, но и покрај неколкуте изгледни шанси Охрид не успеа да го зголеми водството.

Во второтo полувреме на сосема друга слика. Искуството на гостите стапи на сцена. Ренова доминираше, а како резултат на подобрата игра гостите во 66 минута го намалија водството на Охрид на 2:1. Центаршут испрати Нухии, а несреќниот Лескароски ја смести топката во сопствената мрежа. Десет минути подоцна по одличното уфрлање на Исмаили, Андонов беше најснаодлив и од втор обид израмни на 2:2.

Гостите во 80-та минута ја погодија пречката, на што Охрид возврати со офанзива во финишот на натпреварот, но без резултатски ефект.

Најслаб поединец на средбата која се одигра пред илјада гледачи беше судијата Цветкоски, кој со своите одлуки во очај ги фрлаше и двете екипи.

Во следното коло Охрид 2004 на домашен терен ја пречекува екипата на Тетекс.


Мирко Постоловски
Горан Момироски