Стотина граѓани денеска на јавен протест во центарот на градот, го искажаа своето незадоволство од новиот режим на паркирање и покачувањето на цените на паркингот за еден час од 30 на 50 денари.

Претставникот на Стар Град, Д-р Петар Бачев, истакна дека новиот начин на паркирање им создава сериозни проблеми на граѓаните од овој дел на градот.
-Рампите се без техничка документација и се поставени без никаква логика. Во строг центар имаме паркинг за такси, а жителите од стариот дел на градот немаат кај да паркираат, тие едноставно се чувствуваат како туристи во сопствениот град, рече Бачев, додавајќи дека нема логика целото централно подрачје да биде паркинг простор со наплата, кога не се решени проблемите со паркирање на новоизградените објекти.

Незадоволство од новиот режим на паркирање искажаа и претставници на културните институции чии седишта се во строгиот центaр на Охрид.
-Нашите вработени сега немаат каде да ги оставаат своите автомобили, а цената од 50 денари за еден час е превисока за нас. Исто така немаме каде да ги примиме ниту луѓето кои доаѓаат кај нас и работат на разни проекти, рече Драгана Боцеска, директор на Центарот за култура „Григор Прличев“, која побара да се најде некакво разумно решение.

Славица Петровска, жител во центарот на Охрид истакна дека проблемот со паркинзите е реален.
-Поради тоа што се издадени паркинзите пред зградите сега мора да кружиме и да бараме паркинг простор и да стрепиме дали ќе го најдеме, ако не приморани сме да плаќаме скап паркинг од 50 денари, истакна Петровска.

Градоначалникот нa Охрид, Александар Петрески ги отфрли критиките, истакнувајќи дека зад денешните протести стои ВМРО ДПМНЕ. Според него можеби има простор за одредени корекции во однос на јавниот паркинг, но не смета дека формираната цена е превисока во споредба со други туристички дестинации во регионот.
-Согласно законските прописи секоја една локација, куќа или зграда треба да си обезбеди место за паркирање, а улиците не се паркинг места за жителите од околните места. Тие што работат во дуќаните пред да се воведe паркирање целодневно ги паркираа возилата на улица, додека граѓаните од стариот град подрумите и гаражите ги претворија во дуќани, а колите ги оставаа на улица. Ако земаат кирија по 1000-2000 евра тогаш можат и да плаќаат паркинг, рече Петрески.

 Тој истакна дека за жителите од старите кули на „Партизанска“ општината обезбедила 40 бесплатни места на паркингот кај „Ривиера“, а уште 700 бесплатни паркинг места за граѓаните на Охрид и туристите има на просторот кај поранешниот полигон за мали спортови.
OhridNews